ВИДЕО – Законот за прогласување на Крушево за споменична целина го кочи неговиот економски раст и развој


Поради Закон донесен во 2012 година со кој Крушево се прогласува за споменична целина, денес на крушевчани им е оневозможено покрај многуте работи да поставуваат и соларни колектори на покривите на куќите, јавните институции или стопанските објекти. Од Општината велат дека со ова е закочен целиот одржлив економски развој на градот и бараат измени и дополнување на законот од 2012.

„Да се вметни некој дел каде ќе се наведи конкретно под одредени услови и на одреден тип на објекти, особено на јавните објекти, ние имаме проблем со училишта, градинки…во однос на економскиот дел, да се овозможи поставувањето на истите“, вели Драгана Куртеска, Филипоска, раководител на одделение за урбанизам.

Потенцираат дека во овој случај крушевчани се обесправени во однос на другите граѓани. Во време на скапа енергија и енергетска криза, бараат поставувањето да се дозволи барем на јавните и стопанските објекти кои воопшто не се градени во автентичната староградска архитектура. Со намалувањето на користењето на дрвата и фосилните горива како огревни реагенси би се намалило и загадувањето.

 „Конкретно училиштата во Крушево, основното училиште и гимназијата, тие како објекти се огромни потрошувачи на енергија, годишно за затоплување трошат стотици кубици огревно дрво. Плус ова се објекти со лимени покриви, истото е и со Здравствениот дом во Крушево, објектот на Старата градска кафеана каде во моментов имаме производствен погон, така што одредени одредби од Законот за Крушево се на некој начин ограничувачки за одржливиот економски раст и развој на градот“, додаде Татјана Хасану, раководител на сектор ЛЕР во Општина Крушево.

За апсурдот да биде поголем дозволено е поставување на соларни панели за топла вода кои може да бидат рамни со кровот, а не е дозволено на соларните панели за производство на струја кои се идентични по форма со тие за топла вода.

„Замислете кога некој инвеститор би дошол и во сакал да инвестира во тој регион и кога би му се кажало дека никако не смее да инвестира во свое сопствено производство на електрична енергија, тој никогаш не би дошол тука да вложи за било каков бизнис, што значи дека тој регион е осуден на економска пропаст“, изјави Зоран Митрески, енергетски експерт.

Бизнисмените пак велат дека не е само овој проблем со тој закон од 2012 година, со кој практично Крушево се конзервира во постоечката состојба и не му се дозволува никаков развој.

„Немаме никаков развој во градежниот сектор воопшто. Неможе ниту да се привлчечат нови инвестиции, да се изградат нови сместувачки капацитети, нови ресторани, нови содржини, се е поврзано со законот за градба, а ние сме во тој дел во споменична целина“, рече Мишко Талески, угостител.

Крушевчани бараат законските решенија да се прават со нивна координација, потребна била заштита на старите објекти, но без економски развој градот ќе замре.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи