Огромна заинтересираност на прилепчани да заминат од Македонија и да се вработат во Словенија. Стари, млади, од сите возрасни категории кои не гледаат преспектива тука својата иднина ја гледаат надвор од државава. Заводот за вработување на Словенија, вчера во Скопје, а денеска во Прилеп организираше настан на кој граѓаните можеа да се информираат што е потребно за да се вработат оваа земја. Во моментов на Словенија и се потребни 4.000 работници од скоро сите струки, ИТ технологија, медицински лица, градежници, возачи, како и општи работници. Минималната плата се движи околу 1.000 евра, а просечната плата околу 1.200 евра.
„Навистина на Словенија ѝ требаат работници, бидејќи имавме страшни поплави во август и затоа сакаме да добиеме добар кадар. Ние сакаме да ги информираме луѓето, да дадеме права информација околу миграциите, затоа што знаеме дека на тоа поле се случуваат и злоупотреби. Така да ние сакаме да ги информираме луѓето навистина да добијат правилни информации, веродостојни информации и да се запознаат со работодавците кои навистина се добри, проверени работодавци, кои се грижат за своите работници. Гледаме дека има интерес во Македонија, бидејќи вчера кога бевме во Скопје имавме повеќе од 2.000 посетители, така да мислиме дека луѓето им веруваат на државните установи, бидејќи се грижиме за нив и тоа е тоа што им дава кредибилност да овие настани“, рече Тања Подобник Зец, Завод за вработување на Словенија.
Словенските компании кои нудеа работа велат дека се задоволни бидејќи има голема заинтересираност за вработување кај нив, а особено се задоволни од тоа што најголемиот дел биле млади под 30 годишна возраст.
„Градежна фирма, значи бараме градежни работници, платата е од 1.600 евра па нагоре, се работи во Словенија и бараме од 40 до 60 кандидати, толку од прилика ни се потребни.
Има заинтересираност?
Па овде е подобро отколку во Скопје, во Прилеп е многу, многу подобро, еве за овие 2 саати колку што сме овде имаме некаде 15 до 12 пријави, така да задоволни сме“, кажа Владимир Велиќ, градежна компанија.
„Ние денес ја претставуваме транспортната компанија Еуротек, која има околу 300 запослни работници вкупно. Имаме 280 камиони кои вршат меѓународен транспорт, вчера и денес сме во Македонија во потрага по работници, односно возачи. Задоволни сме, одзивот е добар, најмногу нѐ изненади и нѐ усреќи е старосната граница под 30 години на кандидатите кои се заинтересирани за работа.
Плата?
Платата за возачи во меѓунарен транспорт се движи околу 2.000 евра“, додаде Драган Благоевиќ, транспортна компанија.
„Фирма сме за централно греење, бараме инсталатери за монтажа на топлотни пумпи, котли, клими, сѐ што е поврзано со централно греење“, кажа Примож Ждраб, компанија за системи за парно греење.
„Дојдовме од Марибор, од Универзитетскиот Клинички центар Марибор и бараме медицински сестри, со средно образование, но и дипломирани.
Дали исклучиво само медицински сестри, или може и болничарки и дали треба да поседуваат некој сертификат?
Да, може и болничари и за сите е потребен сертификат.
Дали има ограничување околу возрасната граница?
Немаме никакво ограничување, само треба да имаат волја да дојдат во Словенија, само тоа.
Колкав број на медицински сестри ви се потребни?
Околу 200“, велат Универзитетскиот Клинички центар Марибор.
Работниците од Македонија во Словенија ги имаат истите права како и Словенците.
„Ние сме од Љубљана, работиме како работничко советувалиште, значи ги советуваме работниците кои ќе ни се обратат нас. Ние сме невладина организација, но имаме свои членови и ги советуваме луѓето кои или бараат информации околу своите права, значи работничките права во Словенија, околу животот во Словенија, за социјалните прави, за сѐ. Исто ги советуваме и луѓето кои ќе се најдат во одредени проблеми, дали со работодавците, дали со документи кои треба да ги средат, значи пробуваме да ги решиме тие животни проблеми на луѓето кои ќе дојдат во Словенија. Значи животот во Словенија“, истакна Лаура Орел, граѓанска организација.
Прилепчани кои беа дел од овој настан и се интересираа за вработување во Словенија велат дека својата перпсектива за жал не ја гледат во Македонија иако би сакале да биде така.
„Да видиме што има, какви понуда даваат, за што, како, условите за работа.
Зошто сте заинтересирани за работа во Словенија, а не тука кај нас?
Па финансиите се подруги надвор. Јас еднаш бев Хрватска и подобро е во споредба со тука.
Значи доколку ви се допадне нешто би заминале?
Да“, рече Пеша Игеска, жител на Прилеп.
„Заинтересиран сум за хотели, за угостителство пред се. Сакам да ја посетам Словенија, да видам како е, претходново лето работев во Хрватска, сакам да видам разлики меѓу државите, да видам како функционира таму угостителството.
Зошто не барате работа во Македонија, туку во странство, која е разликата?
Па барам и во Македонија, но во Македонија се многу полоши условите, посебно за угостителската работа, мислам дека е една од најпотценетите професии и не е доволно платена. Не само платена, туку општо не се гледа на угостителството како што се гледа во другите земји“, додаде Михаил Штаргоски, жител на Прилеп.
Ова е втор ваков саем за вработување кој Словенија го организира во Македонија, првиот беше во месец јуни.