Договори за грант поддршка до 10.000 евра за набавка на опрема за производство денеска потпишаа 133 мали производители на храна од неживотинско потекло. Целта на договорите, во вкупна вредност од 1,2 милиони евра, како што истакна ресорниот министер Љупчо Николовски, е да се поддржат малите производители да произведуваат и стават во промет финални македонски традиционални производи.
„Доделуваме 133 договори во вкупна вредност од 1,2 милиони евра преку кои даваме грант поддршка којашто ќе биде исплатена авансно на малите производители на храна од неживотинско потекло за набавка на опрема. Со договорите поддржуваме најразлични традиционални производства на храна, опрема за производство на ајвар, на маџун, на разни слатка, на мармалади, на масло од сончоглед, производство на јаболков оцет, на путер од бадеми, од лешник, сокови од калинка, јаболка, рибизли, потоа набавка на соларни сушари, на машини за пакување на најразличен тип на овошја, зеленчуци и други типови на производи“, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство пред доделувањето на договорите.
Упати апел до сите апликанти да ги читаат договорите и да се следат роковите заради тоа што, како што рече, се исклучително кратки.
„Се работи за програма во која што авансно ги исплаќаме средствата, но која најстрого ќе се контролира и затоа во рок од 45 дена од склучување на договорите треба да се реализира деловниот план. Нема никаква можност за промена во делот на деловниот план и затоа треба да се фокусираме на реализација и на набавка на тоа што сме го напишале и предложиле во деловните планови“, рече Николовски и додаде дека финансиската поддршка ќе биде веднаш исплатена.
Тим лидерот на Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) на Швајцарската агенција за развој и соработка, Горан Димовски истакна дека во изминатите 10-тина години ИМЕ е партнер на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
„Во повеќе наврати ги следиме и придонесуваме во политиките на Министерството преку креирање на Законот за органско производство, преку низа подзаконски акти. Задоволство ми е што бевме дел од тимот во креирање на оваа мерка за поддршка на мали производители за производи од неживотинско потекло. Тоа беше една заедничка заложба во која што учествуваа АХВ и малите производители преку свои претставници од Слоуфуд. На тој начин се дојде до мерка која што навистина одговора на нивните потреби“, изјави Димовски.
Оваа мерка, додаде, е од исклучителна важност бидејќи ќе овозможи на малите производители да обезбедат дополнителна опрема, да ги унапредат условите во коишто работат да можат да произведуваат и поквалитетно и подобро и да ги запазат сите стандарди нивните производи да бидат безбедни, да додадат вредност на производите.
„Станува збор за огромен број на традиционални производи коишто се многу уникатни и апсолутно заслужуваат да најдат место на пазарот до купувачите“, рече Димовски.
Нагласи дека Швајцарската ИМЕ програма долги години работи со малите производители на овозможување на воведување на нови технологии, воведување на нови бизнис модели и доаѓање до нови пазарни можности.
„Разбираме дека почетоците на секој микро мал бизнис се исклучително тешки и оттука повторно во партнерство со Министерството зацртавме и неколку тренинг модули за сите оние коишто ќе изразат спремност дополнително да ги зголемат своите капацитети во насока на финансиско работење, користење на разно разни маркетинг алатки, позиционирање во пазарните канали, користење на дигитални алатки. Тоа е со цел овие бизниси за кратко време да застанат на нозе, да станат успешни, да можат да ги зголемат своето продуктивност и своето работење, а тоа да обезбеди генерирање на дополнителен приход за нив и за нивните семејства и можеби во скора иднина да обезбедат и нови работни места, посебно во руралните делови на државата што е крајна цел на ИМЕ програмата“, истакна Димовски.