Театарот „Војдан Чернодрински“ со претствата „ДУПЛО ДНО“ од Горан Стефановски, во режија, дизајн на сцена и костими на Наташа Поплавска, ќе гостува во Ниш, Р. Србија. На 30 ноември од 20.00 ч. ќе ја изведе претставата во Нишкиот театар. Нишките медиуми веќе го најавуваат гостувањето на нашиот театар, за кое има голем интерес кај публиката.
Играат:
МАРИЈА СПИРКОСКА ИЛИЈЕСКА – Кристина
ДАНИЕЛА ИВАНОСКА – Параскева
ДИМИТАР ЃОРЃИЕВСКИ – Божо
ИГОР ТРПЧЕСКИ – Јаков
ЗОРАН ИВАНОСКИ – Лудакот
МИХАЈЛО МИЛЕНКОСКИ – Нове
Дупло дно бенд:
Томе Темелкоски – гитара, звучни ефекти;
Методија Костоски -клавијатури, звучни ефекти, бас гитара;
Ана Митоска – пијано, ксилофон, вокал;
Филип Јездиќ – тапани, перкусии
Композитор на музиката е Ристо Вртев
„Дупло дно“ е театарска пасија во три става и кода
1983
„Дупло дно е подрум во главата. Таму ги криеме сите дупли планови, со која жена да се ожениме ако нашата загине во сообраќајна несреќа, како штедната книшка на брат ни да ја префрлиме на свое име ако тој ненадејно умре, таму се сите скришни прељуби, сѐ што сме премолчеле, што намерно сме заборавиле, таму е јасно кого колку мрзиме, таму ја криеме сета невера за она во кое јавно се колнеме дека веруваме и сета вера во она од кое јавно се откажуваме, таму се складиштата на суета и страста, нашиот мрак и пораз, таму сме без шминка, без вештачки вилици, без мидери, таму сме грди. Она страшното што го гледаме во огледало кога гледаме во себе е дуплото дно.“
Горан Стефановски ја пишува драмата „Дупло дно“ во 1983 нарекувајќи ја “пасија во три става и кода” што наликува на музичката форма свита и во неа ги отвора проблемите на поединецот уметник, лудак и револуционер наспроти системот, отелотвотворен во ликот на министерот за култура. Различните општествени позиции тој ги изложува преку дебата и спротиставени ставови за смислата на уметничкото творење, а ликовите на уметникот Јаков, Министерот за култура Божо, неговата сопруга домаќинката Параскева, нивната депресивна ќерка, балерината Кристина и специјалниот советник Нове ги става во апокалиптична иднина, лудо минато и револуционерна сегашност. Стефановски иако делото го завршува со кода, тој не ни дава разрешница, туку ги остава нивните позиции непроменливи, а ја отвора дилемата колку и како уметничката стварност кореспондира со реалноста.
Наташа Поплавска во „Дупло дно“ од Стефановски го отвора прашањето како уметничката стварност денес кореспондира со реланоста. Таа го прикажува лажниот ангажман на уметниците кои се борат за “уметничката слобода”, а всушност се борат за позиција на министри за култура со цел да ги задоволат своите лични интереси и заработки, така што чистата уметност станува памфлет за статус. Во целото лудило и безнадежност на постојано менување на власта и сквернавењето на хуманистичката линија кај уметникот, безнадежната балерина, ја бара вистината за себе. Поплавска го следи Стефановски во идејата дека само оној што ќе успее да се спои со своето дупло дно, може да создава вистинска уметност. Со својата режиска постапка таа се обидува да ја погледне драмата како реално шоу со музичка свита ставајќи ја актерската игра пред камери, додавајќи музичари раководени од композиторот Ристо Вртев. Таа истовремено дава можна разрешница на расправијата помеѓу уметникот и власта со поништување на претходните системи и идеологии, оставајќи надеж за уметноста преку ликот на депресивната ќерка, балерината Кристина на која и се отвора можност да прерасне во вистинска уметница. Единствено таа ја започнува позитивната промена со новата заклетва за уметникот кој не припаѓа никому и стои на работ на ништо, што воедно е и последната реч на Стефановски за позицијата на уметникот во општеството.