Драги гледачи денеска сме гости на организацијата на жени „Китка“ од Прилеп, која што постои веќе 30 години и е првата и најстара организација на жени во овој град, но можеби и во Македонија. Наш соговорник денеска кој што ќе ни кажи многу повеќе околу оформувањето на оваа организација, нејзината мисија, цели и активности е Магдалена Матракоска, претседателка на ова Здружение.
Матракоска: Прво ви благодарам што дојдовте, да ве поздравам и да ви посакам сѐ најдобро.
30 години е навистина еден долг период, еве честитки за тоа што сте успеале да го одржите ова здружение вакво какво што е цели 3 децении.
Матракоска: Гордост ми е да кажам и со почит да ги спомнам имињата кои први рекоа да организираме некое здружение на жени, за да се дружиме. Прво почнавме да се дружиме. Тоа се имињата Леца Забрчанец, Мица Анѓулеска, Драгица Дамадулеска, Олга Желческа, Паце Жежоска и јас, Магдалена Матракоска.
Како се роди идејата да се формира „Китка“ и дали тоа е првото име под кое го формиравте или имаше и други имиња?
Матракоска: Идејата беше да се формира друштвото, прво почнавме по куќи да се собираме како седенки, меѓутоа тоа не ни одговараше и рековме некако да направиме организација која ќе биде легална, легитимна, регистрирана и да ги собериме сите жени, да им понудиме доброволно да дојдат во организацијата и да придонесиме за граѓаните од Прилеп и прилепската општина, поготово за женската популација, за таа да не се осеќа осамена, туку да бидеме сите здружени и оттука произлезе „здружени сите заедно сме посилни“. Членки имаме околу 120 до 130 и плус имаме членки од сите профили, односно занимања, имаме од здравство, кулинарство, од просвета, правно, имаме и експерти во нашата организација кои можат на соодветни места да одговорат многу позитивно. Значи нашите прилепски жени се многу способни жени, само да дојдат на соодветно место, не само раководно место, туку како организација се трудиме со поддршка и едикација да ги тие жени навистина ги форсираме да вистински застанат на правите места, кои вистински ги заслужуваат.
Која е вашата мисија како Здружение?
Матракоска: Нашата мисија е подобрување на социоекономската положба на жената во Прилеп и прилепската општина, со поддршка и едукација. Од друга страна ние како организација секогаш размислуваме глобално, а делуваме локално и сме многу блиски до граѓаните, граѓаните нѐ препознаваат по многу работи. Прво нѐ препознаваат со нивните проблеми кога ќе ни се јават, тие веднаш се обраќаат кај нас за да им помогнеме, а ние сме спремни во секое време затоа што имаме едуциран кадар. Нашите жени се стварно едуцирани и можат да им помогнат, било структурата да е од правна насока, од здравство или нешто друго, со гордост можам да кажам дека вистински граѓаните се задоволни и граѓаните нас како организација, прва женска невладина организација која е формирана во градот, граѓаните ни дадоа предлог на локална за ние да добиеме третоноемвриска награда. Ние ја имаме третоноемвриската награда први добиено на Општина Прилеп.
Ваше размислување и став, каква е социоекономската положба и во општинава и на ниво на држава во овој момент? Рековте се борите таа да се подобри.
Матракоска: Ние како женска невладина организација секогаш сме спремни за да се подобри, но јас пак ќе речам и ќе потенцирам, тие што треба да бидат на раководните места треба да се постават, така ќе тргни работата, не може некој да биде неспособен и да те води. Ако некој вистински не знае тогаш сам треба да си се тргни настрана, а не да се форсира. Организацијата на жени „Китка“ работи чесно, поштено, достоинствено, без разлика на партиска, етничка или било каква структура, ние сите се трудиме тие жени, но и мажи, но поготово на жените да дојдат на тие соодветни работни места, не само раководни, како што ги ставаат прилепчани жените на раководни места да бидат, туку да појдат во владата, во власта, таму каде што се носат одлуките и законите. Ние се трудиме ова вистински во догледно време да го унапредиме, сметаме дека во догледно време треба да се поправи.
Значи според вас треба многу повеќе жени да има на раководни функции, одлучувачки, како на локално, така и на централно ниво?
Матракоска: Најискрено јас како жени многу ги поддржувам жените и вистински има жени многу солидни, многу квалитетни, многу интелигентни, достоинствени, паметни, кои вистина се сокриени и не можат да излезат на површина. Меѓутоа ние да се трудиме, не само ние, сите, граѓаните веќе некои ги препознаваат и викаат ајде што не се уклучите ваму или таму, но ние треба да им го трасираме патот на тие особи за да дојдат до тој врв и вистински да дадат плод за сите граѓани, не само во Прилеп туку во цела Македонија. Со нашите проекти досега што ги работиме доста проблеми сме разрешиле во градов, затоа имавме еден проект кој го работевме, тој проект ни го финансира Владата на Република Македонија и од тој проект голема благодарност имаа граѓаните, но и добивка, затоа што вистински ние се трудевме да им помогнеме.
За кој проект станува збор?
Матракоска: Станува збор за „Насмевка на надежта“, проект кој „Китка“ го работеше и 16 особи беа запослени како волонтерки, кои беа социјално загрозени особи, а факултетски образовани е немаа работа. Тогаш без работа останаа, се затвораа фабрики и сето тоа и баш во тој период ние тој проект го предложивме како идеја на Владата, тие го прифатија, ни го финансираа и го работевме една година.
На други проекти на кои имате работено досега?
Матракоска: Други проекти имаме многу сработени, пример „Ран детски развој“, „Проговорете за мир“, потоа „Насмевка на надежта“, „СОС линија за семејно насилство“, а последен сега моментално го работиме „Борба против трговија со луѓе“.
За што станува збор тука?
Матракоска: Станува збор за многу актуелна тема како што слушаме и гледаме секаде, дека борбата против трговија со луѓе е многу раширена, не само во Прилеп, не само во Македонија, туку во светот. Затоа ние сакаме со нашата работа, бидејќи ние размислуваме глобално, но делуваме локално, да помогнеме на населението на нашата територија каде делуваме, односно на младите кои вистински можат да заглават во сето тоа.
Каква е моменталната трговија со луѓе кај нас?
Матракоска: Катастрофа, проценти не можам да кажам точно колку е, но е многу големо. Гледате секој втор, трет ден исчезнало дете, исчезнала жена, исчезнала млада особа, така да навистина загрижувачки. Овој проект го работиме од 14 до 18 години, тој период тие се деца, но не знаат се уште како треба да ги препознаат трговците со луѓе, како треба тие истите да се одбранат од сето тоа. Исто така и овие што заминуваат во странство, вие гледате дека цела Македонија ни се исели и тие што одат во странство. Ние знаеме за тука во Прилеп, зборувам за прилепските граѓани кои заминуваат, многу има настрадано, таму ќе појдат но нема истата работа да ја работат, што значи тие се прелагани и некој треба вистински да им помогни. Ние како невладина организација се трудиме колку што можеме да им помогнеме. Невладината организација соработува со сите невладини организации, со сите институции во државата и надвор од ние, ние и надвор од државата имаме контакти, збратимени сме со организациите на жени во Хрватска, Австрија и Италија. Имаме повеќе организации и постојано контактираме со нив, тие се веќе во ЕУ, а ние се надеваме исто и ние да влезиме и тие закони да завладеат и кај нас.
За крај кои вашите идни планови, на каде ќе се движи „Китка“?
Матракоска: Идеите ние ги црпиме од граѓаните, граѓаните се тие кои нас вистински ни ги даваат идеите, додека членките на „Китка“, нашата организација има секции и секоја секција си има координатор и координаторот си одговара и придонесува за секцијата, пример имаме здравствена секција, потоа информативна, хуманитарна секција, образовна, за проекти и сите тие секции фунцкионираат во „Китка“. Сите вие ќе се сложите дека светот останува на младите, ги едуцираме младите, ги поддржуваме и им кажуваме не да се заминат во странство туку тука да си останат, свои на своето, тоа е најважно, затоа што ако си свој на своето си најбогат и најспособен. Ако имаш нешто свое и на своето да му помогнеш, тука нема дискусија, кај и да одиш си странец, не можеш да бидеш друго.