Љупчо Палевски со прекар Палчо, осомничен за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и на 74-годишниот Панче Жеровски од Велес, има низа кривични пријави во периодот од 2000 до 2020 година.
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР), против Палевски во 2019 е поднесена кривична пријава за неовластено прислушкување и тонско снимање, а во текот на 2019 се поднесени прекршочни пријави и поради омаловажување на полициски службеник.
„Во 2020 година е поднесена кривична пријава за недозволено држење на оружје или распрскувачки материи и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија. Во 2005 година е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување и посебни случаи на фалсификување исправа, во 2002 година за лажно пријавување на кривично дело, а во 2000 година за даночно затајување“, се вели во соопштението на МВР.
Палевски е во бегство, а како што кажа на денешната прес-конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, тој на 30 ноември побегнал во Србија, од каде отишол во Бугарија.