На денешната прес конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одговарајќи на прашањето дали е загрозена јавната безбедност, потенцираше дека ова е изолиран, инцидентен случај кој имал организатори и имал крајна цел – да изнудат пари.
„Ова нема врска со јавната безбедност, генерално. Ова лице според утврдените факти е грабнато внатре во влезот во зградата, по претходно добиена информација кога излегува и дека излегува само. Тоа е сосема различно од тоа што се имплицира или што деновиве и синоќа слушнавме дека заради Самитот на ОБСЕ воопшто не се постапувало по барањето за девојчето и дека заради таа активност околу организацијата на Самитот ние не сме објавиле јавно. Тоа е апсолутна лага, апсолутна бесмислица, поради тоа што никој, ни јас како човек, ниту било кој во полицијата, ниту Јавното обвинителство не може и нема да дозволи заради ваков случај да се прекине нешто поради одржување на одреден настан. На крајот од краиштата одговорен за организацијата на самиот настан и за безбедноста беше Одделот за заштита на определени личности и објекти, а одговорен за истрагата е СВР Скопје односно Одделот за крим полиција. Тоа се двата Оддели кои работат – на едниот настан, за одржување на безбедноста и, паралелно, интензивно над 100 полициски службеници работеа интензивно од првиот момент на пријавувањето, па сѐ до сега и продолжуваат понатаму“, истакна министерот за внатрешни работи Спасовски.
Спасовски образложи дека од првиот момент на постапувањето, и на 22.11. за исчезнатото лице во Велес, сите мерки и активности беа преземени, исто како и за случајот од 27.11..
„На почетокот воопшто немаше никаква корелација помеѓу овие два случаи на пријавување. Значи 27-ми, кога се пријавува исчезнувањето на девојчето, имаме две пријави, едната е телефонска од страна на мајката, едната е во ПСОН Центар во 11.00 часот од страна на таткото. Меѓутоа, потрагата започнува веднаш после првата пријава којашто се добива некаде околу 08.30 часот и започнува потрагата по лицето. Се преземени низа мерки и активности криминалистички, паралелно и тука, и во Велес. Во Велес за случајот со Жежовски, додека СВР Скопје за овој случај. Притоа, преземени се низа мерки и активности: од обезбедување на видео надзори, докази итн., мета податоци – сѐ она што е потребно за да може да се утврдат одредени факти и аргументации“, појасни министерот Спасовски.
Тој додаде дека покрај пребарувањата коишто биле направени во непосредната близина, разговори со фамилијата, разговори со лицата коишто можат да дадат одредена информација, разговор во училиштето, разговор исто така во Велес со пријателите…биле направени со сите можни луѓе коишто можат да дадат било каков податок или информација.