ВИДЕО – Жените жртви на семејно насилство малку се охрабруваат случаите да ги пријават во Основниот суд


Во Прилеп се намалува бројот на пријави за семејно насилство, во 2021 имало 150 пријави, а во 2022-ра 140. Годинава до овој момент има 89 пријави, каде како жртви најчесто се јавуваат жените. Но од нив само 30 се поднесени како предлог мерки до Основниот суд во Прилеп за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство. Од Центарот за социјална работа ги охрабруваат жените за поведување на постапки пред Основниот суд, затоа што без нивна согласност тие како институција не се во можност да го направат тоа.

„Направиле чекор се охрабриле што случајот го пријавиле во полиција, Центар за социјална работа или во НВО меѓутоа сметаме дека се уште економската зависнот на жената, се уште стигмата што ќе се каже во опкружувањето, во средината, а понекогаш заради зачувување на бракот и семејството или заради децата се пречка тоа што што жените се предомислуваат за поведување на постапка пред Основниот суд“, вели Гордана Велјаноска, педагог во Центар за социјална работа Прилеп.

 Сепак дел од граѓанските организации сметаат дека дека срамот и стигмата веќе се надминуваат и жените во иднина се повеќе ќе се охрабруваат да ги пријавуваат сите форми на насилство.

 „Се повеќе се охрабруваат, добро ги препознаваат формите и облиците, можеби не во првиот момент, секогаш има резерва, секогаш даваат втора шанса на насилникот кога се случува во семејството, но на крајот секогаш се обраќаат или до нас или до институциите“, истакна Горан Илиоски, правен советник во невладина организација.

Општина Прилеп денеска се вклучи во одбележувањето на кампањата 16 дена активизам против родово базирано насилство со работилница на тема „Обединето против насилство врз жените и девојчињата“.

 „Да се подигне јавната свест, да се пчоддржат сите жени и девојчиња кои се соочуваат со овој општествен проблем да се поттикнат да пријават во надлежните институции и да побараат стручна помош од лица експерти кои се занимаваат со оваа проблематика“, изјави Александра Димова, Советник во Општина Прилеп.

И Комисијата за еднакви можности при Општина Прилеп се залага за подигнување на јавната свест околу овие состојби преку разни работилници и дебати кои ги организира во текот на годината.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи