Пендаровски: Корупцијата ќе биде најголемата пречка во нашиот процес на европските интеграции

Facebook
Twitter
Email
Print

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, беше еден од говорниците на првиот панел од Отворениот форум за антикорупција, а неговите предвидувања во однос на борбата со корупцијата и рангирањето на земјава, не беше најоптимистично.

„Кога ќе продолжиме со преговорите за ЕУ, корупцијата беа сомнение ќе биде и најголемата пречка во процесот на европските интеграции. Преговорите за членство се отвораат и затвораат со поглавјето за владеење на право и фундаментални права, а, последниот извештај на Европската комисија констатира дека не е забележан напредок во борбата против корупцијата кај нас“, вели претседателот Пендаровски.

Тој рече дека дури 63% од македонските граѓани ја сметаат корупцијата за наш најголем проблем. Индексот за перцепција на корупцијата за 2022 година ја рангира Македонија на 85-то место во светот. Само 6 или 7 европски држави, зависно од времето на мерење, се зад нас, од кои ниту една не е земја членка на Европската Унија. Индексот за владеење на правото, пак, нѐ рангира на 67. место од вкупно 142 држави, со забележан пад во повеќе области.

„Низ годините, за жал, корупцијата стана наше секојдневие, начин на живот, во кој, огромен сегмент од општеството верува дека без мито, непотизам, кронизам и клиентелизам не можете да напредувате. Една третина од граѓаните изјавуваат дека биле изложени на коруптивен притисок, а дури една четвртина од нив, посегнуваат или по паричникот или по телефонот за да дадат мито или да побараат врски“, додава Пендаровски.

Решенијата според него се во легислативата која како што рече треба да биде целосно усогласена со европското законодавство.

„Не треба да ги мериме намерите, туку резултатите на антикорупцијата. Добрата легислатива не вреди ако не се имплементира и ако не важи подеднакво за сите. Создавање на широк антикоруптивен фронт. За да биде ефективна, антикорупцијата не смее да се сведе на процедура во надлежност на неколку институции, туку мора да прерасне во потфат кој ќе добива поддршка од целото општество. При тоа е неспорно дека борбата против корупцијата е пред се задача на секоја институција, за секоја од гранките на власта, и за владејачката коалиција и за опозицијата, на централно и на локално ниво. Меѓутоа, медиумите, истражувачкото новинарство, невладиниот сектор и јавноста имаат незаменлива улога во тој процес.

Подигнување на културата на антикорупција. Тоа подразбира, меѓу останатото, расчистување со едно популарно, но, погрешно верување, сумирано во изјавата „овие крадат, ама барем нешто работат или градат.

Избраните и именуваните функционери мора да работат и да градат, без да крадат. Воедно, мора да разбереме дека малата сума не ја прави корупцијата помалку сериозна. Независно дали станува збор за 500 или 500.000 денари, корупцијата е корупција и не смее да се толерира“, подвлече Пендаровски.

Според Пендаровски, ако сакаме да изградиме праведно општество засновано на највисоки етички вредности и интегритет, тогаш антикорупцијата треба да биде во средиштето на сите наши напори и политики.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи