ВИДЕО – Мала вклученост на граѓаните од руралните средини во креирањето на политиките на локално ниво


Oпштините многу малку ги вклучуваат граѓаните во јавните расправи при дефинирање на програмските или буџетските приоритети. Особено граѓаните од руралните средини скоро и да не учествуваат во креирањето на локалните политики во Општината, ниту пак некој го бара и цени нивниот глас и потреби. Како што и самите тврдат тие на политичките партии им служат само за избори, а потоа 4 години ниту некој ги посетува, ниту ги прашува што им треба. Поминавме неколку населени места во Општина Прилеп, каде го добивме истиот одговор.

Нема никој, ни иди ни пусти, кој ќе дојди, нема човек дојдено да праша како е, патишта, ништо, нема ништо. Џабе, никој, пред избори, сега ќе почнат да идат, дури и дома влегуваат, ќе дојдат навечер за кого гласате, како гласате, тоа е…

А кога ќе поминат изборите?

Кога ќе поминат изборите никој ни те гледа, ни ништо…

Имате месна заедница?

Имаме месна заедница, ама слабо, не функционира.

Зошто месните заедници во сите населени места не функционираат?

Не знам што да речам, одмилено им е, ни во Општина ги примаат како порано што ги викаа да има кажат како да работат, што да работат. Сега ништо, сѐ е пусто, готово… гледаш колку има народ, еве 4-5 мина сме“, вели Никола Огненоски, жител на с. Ново Лагово.

 

 Никој не иди, никој не прашува. Еве нашава улица наместо да бидиме ние Ново Лагово, ова е гомно маало можам да кажам, јавно и отворено. Кој дојди заминиси, ние немаме ни канализација, ни одвод, некои се врзаа долу во каналот, а ние овде не можеме ни врата ни прозор да отвориме.

Не ве прашува никој какви проблеми имате?

Не нѐ прашува. Јас не можам да правам кавги со комшијава сега, треба ова да се среди, на што личи ова.

Месна заедница имате?

Имаме месни заедници, но никој не не викнал никаде.

Функционираат тие?

Со неколку луѓе.

Кога доаѓаат да ве прашаат, за избори само?

За избори.

Што ви ветуваат тогаш?

Ветуваат канализација од пред 20 години, но каде е одводот, каде е канализацијава. Градска населба е оваа, до градот сме блиску, сѐ имаме, но канализација ни треба“, рече Јагода Андријеска, жител на с. Ново Лагово.

Месните заедници како некогашен главен двигател од каде потекнувале иницијативите за тоа што треба да се гради по селата сега не функционираат како во минатото.

Колку често доаѓаат тука советници од Општина, градоначалници да ве прашаат што ви треба, како ви треба, како се живее?

Сега многу малку, последнава година човек нема поминато, а не дојдено.

Месна заедница имате, функционира?

Имаме, ама не функционира ништо, никој ни собрал, ниту се собрале, ниту кажале. Многу слабо, тие работи поминаа, во времето се собираше народот, постариве луѓе, еве оваа зграда беше месна заедница. Ќе се собереа 50-60 луѓе, ќе речеа овој патов денеска го правиме и се прави во една недела, цело село излегува. Сега нема, нема кој ни да организира, ништо нема“, истакна Пеце Јанкулоски, жител на с. Беровци.

 Иако месните заедници постојат ретко кое населено место има специјално уредени простории за вакви собири. Жителите се собираат по приватни куќи, во паркови или сред село пред продавница. Но и тоа не е како порано со писмени дописи до Општината туку само усно пренесени барања. Велат ги имаат истите барања над 20 години и пак не се сите реализирани.

Месната заедница функционира? Гледаме во една незавидна состојба се наоѓа. Како функционирате?

Месната заедница како објект на месна заедница нема, ние функционираме на меѓусебни средби на самите членови, средби со жителите во самото населено место при разни средби, излегувања, дружења. Значи објектот што го гледате до нас порано беше објект за издавање на изводи, матична евиденција. Тие се иселија, се направи прекин и самата канцеларија не функционира можеби 4-5 години и објектот стои празен, нефункционален, а може сепак да го искористиме како канцеларија на месната заедница. Комуникацијата се одвива претежно телефонски, личен контакт, сме се сретнале на некоја средба, има посета и од градоначалник, има посета на советници, на дел од Советот, значи во населеното место се пренесуваат барањата. Е сега тие барања се пренесуваат и во писмена форма како програма, сега оди и на усни барања од месната заедница, од жителите. Конкретно можам да спомнам дека пред некои 10 дена имавме поднесено барање до локалната самоуправа, бидејќи е период за изготвување на програми за наредната година“, кажа Никола Кукуноски, претседател на месна заедница во с. Мало Коњари.

Потврда за ваквата ситуација дава и советникот од Општина Прилеп, кој е воедно и претседател на Комисијата за месни самоуправа при Советот на Општина Прилеп. Според Ржаникоски прво проблем е што нема доволно идеи и предлози од месните заедници, бидејќи веќе младите се иселени од таму и останати се само постари лица. А како второ потребите на тие жителите биле инкопатибилни со програмите на политичките партии. Според Ржаникоски ако сакаме развој и на руралните средини, од еден 4 годишен мандат на некоја партија, средствата предвидени за капитални инвестиции од 3 буџети треба да се тропат во градот, но едниот буџет треба да оди во населените места.

Што се случува со локалното население? Останува без превоз, без поштенски сообраќај, без железнички сообраќај, со минимална здравствена заштита од само 2 дена во неделата и сето тоа му го отежнува животот. Барањата на луѓето од месните заедници не се булевари, кружни текови, базени, нив им треба едноставно нормален живот, да стигнат во градот и да функционираат. Она што се случува со локалната самоуправа, имаме смена на генерации на локални политички елити кои гледаат чисто програмски, она што е веќе договорено претходно, без да видат што се случува настрана. Она што граѓаните бараат превоз не е во програмата. Никој во партиите не предложил, не кажал дека ќе нема железнички превоз, дека ќе нема автобуски превоз, дека ќе нема здравствена заштита. Сите ние на избори се фалиме дека ќе имаме брзи возови, европско здравство, ќе можеме изводи од матичната книга дома да ги извадиме, но тоа во реалноста е сосема друго. Друга работа, новите елити и оние што се нововработени во јавните претпријатија не потекнуваат од селата и никогаш не биле во селата и не ја знаат проблематиката“, изјави Трајче Ржаникоски, претседател на Комисијата за месни самоуправа при Советот на Општина Прилеп.

 Претседателот пак на Совет на Општина Прилеп Дејан Проданоски вели дека советниците повеќе работат со жителите на т.н. живи села или села каде што има повеќе жители и каде скоро секој ден биле на линк со нив за да ги слушнат и решат нивните проблеми. Годинава, исто како и лани претседателите на месните заедници ќе биделе вклучени при креирањето на буџетот за идната година.

Се обидуваме да воведиме еден нов систем на комуникација со граѓаните, а тоа е преку советниците во Советот. Двајца од редовите на владеачкото мнозинство доаѓаат од руралните средини и се задолжени за одреден број на населени места, да бидат во директна врска со претседателите и месното население, да ги собираат информациите, што е она што е потребно да се направи во тие населени места за да се подобри квалитетот на живот. Тенденција на оваа локална самоуправа, се надевам и на секоја наредна ќе биде животот во населените места воопшто да не се разликува од урбаната средина и мислам дека иако треба повеќе време и ресурсите се такви какви што се, буџетите се тие кои што се, без посериозна поддршка од владата и централниот буџет тој процес ќе се развлече, но нема да застане. Верувам дека во иднина поголем интерес ќе се покаже од централната власт кон развој на руралниот регион, затоа што тука ни се центрите за производство на храна и мораме да внимаваме повеќе и да го задржиме населението во населените места, затоа што тие се директно поврзани со тоа производство на храна, но на сметка на тоа, за да го задржите некој да живее во некое одредено населено место треба да му овозможите сериозни, односно современи услови за живот“, потенцираше Дејан Проданоски, Претседателот пак на Совет на Општина Прилеп.

И во Општина Кривогаштани, како рурална Општина сликата не е поразлична. И таму дел од граѓаните револтирано се жалат дека никој ниту ги прашува, ниту пак им ги решава секојдневните проблеми. Единствено политичари гледаат за избори.

Како функционира месната заедница во руралните средини?

Крајно неодговорно, што да кажам повеќе, крајно неодговорно. Што сме побарале, ништо не сме добиле, сѐ е пусто. Јас не знам до каде ќе одиме вака, ене до куќата кај нас, имаме нова куќа изградено, пукната е цевка 2 месеци, 5 пати пријавуваме, дојдоа 2 пати и велат малку било, а куќата веќе плива во вода.

Од кое село сте?

Од Славеј. Јас не знам што мислат луѓево да прават.

Советници доаѓаат да ве прашаат што ви треба?

Никој ни не прашал, ништо. За сметките да, ќе си дојдат навреме и ќе си платиме уредно, една сметка немаме закаснато, слободно проверете. Но за одговорност никаква и никаде, само онака сето промотивно, едноставно кажано фушарска работа“, истакна Лилјана Ѓорѓиоска, жител на с. Славеј, Општина Кривогаштани

 

Се собирате како месна заедница?

Некој од тие што треба се собираат таму изгледа, но в село не верувам, немам видено досега, а немам ни слушнато. Јас 13 години бев Струга, таму живеевме, сега кога си дојдовме еве 4 години има, гледам дека ништо напред не оди, никој за никого води сметка“, рече Милан Ѓорѓиоски, жител на с. Славеј, Општина Кривогаштани.

Пред избори да, кога има избори ќе дојдат сите, ќе се соберат, ќе се накитат, вака ќе биди, така ќе биди. Тоа е.

Што се случува потоа 4 години?

4 години нема да ги видиш, ќе си седат каде што им одговара местенцето, супер им е, задоволни си се и никому ништо.

Што ви треба вас како жители, најнеопходно?

Општо, економијата прво, тутунот не оди, со работава платите ниски секаде, 20.000 плата, 22, пари ли се тоа да се живее? Стоката, млекото на нула“, вели Антонио Нешкоски, жител на с. Врбјани.

Според Претседателот на Советот на Општина Кривогаштани Горан Новакоски тие даваат максимални напори со можностите кои ги имаат за подобрување на квалитетот на живот во населените места. Тука за разлика до градот скоро секое од 13-те населени места си има свој претставник во Советот што ги застапува барањата на тамошните жители. Но сепак Општината е со блокирана сметка и со наследени огромни долгови, два фактори кои пречат во нејзиниот развој. Бараат помош од централната власт.

Колку од барањата на граѓаните се прифаќаат и колку има можности да се реализираат?

Со оглед на нашите можности ние се трудиме што е можно повеќе работи да ги средиме, но како што знаете и нашата Општина е една од позадолжените. Ние правиме навистина максимални напори за подобрување на условите за живот.

Она што најмногу им треба на граѓаните во овој момент, што бараат?

Ние иако сме 21 век се уште имаме неасфалтирани улици, се уште немаме канализација, имаме проблеми со водоводот, така да граѓаните најосновните потреби не можат да си ги задоволат.

Како тоа би можело да се реализира со блокирана сметка на Општината?

Многу тешко, не само што е блокирана, туку ние наследивме и долг од 48 милиони денари. Тоа е навистина една страшна цифра. Би требало да има поголема интервенција од страна на владата, меѓутоа бидејќи и таа помош понекогаш се злоупотребува, како што беше претходно дадена па имаше купување на коли и други работи, значи можеби треба да се најди некој поинаков модел за конкретна помош, како на пример превземање на обврската кон ЕВН, наместо да ја превземиме ние да ја превземи Владата“, изјави Горан Новакоски, претседателот на Советот на Општина Кривогаштани.

До сознанија за малата влученост на граѓаните од руралните средини во креирањето на локалните политики дојде и Здружение на земјоделци Агромаџо преку анализата насловена како „Учеството на руралното население во процесите на донесување на одлуки на локално ниво –двигател на одржливиот развој“ која ја направи во Општините Прилеп и Кривогаштани. Така што во 24 населени места во двете општини беа анкетирани вкупно 226 жители, од кои 116 мажи и 100 жени и добиени се поразителни резултати за тоа колку граѓаните се вклучени во работата на локалните самоуправи.

Дури 88% од испитаниците од руралното население во општина Прилеп не е информирано дека има можност да се вклучи во креирањето на политиките на локално ниво.

80% од испитаниците во Општина Прилеп, а 64% од испитаниците во Општина Кривогаштани не се запознати кога градоначалникот има приемни денови.

Запознаеноста со можностите за средби со претставниците на Советот на општината кај испитаниците во Прилеп е 32%, а во Кривогаштани 44%.

Само 8% во општина Прилеп, а 28% во општина Кривогаштани имаат остварено формална средба со претставниците на Советот на општината.

Само 26% од испитаниците од Општина Прилеп и 23% од испитаниците од општина Кривогаштани се запознати со начинот на креирање на буџетот и кој го креира буџетот на општината.

Голем дел од испитаниците односно 85% во општина Прилеп и 72% во општина Кривогаштани незнаат каде може да добијат информации поврзани со буџетот во нивната општина.

Ова се само дел од резултатите кои укажуваат на тоа дека е потребна итна промена на моделот на функцинонирање на локалните власти и поголема вклученост на граѓаните од руралните средини.

Процентите и резултатите на анализата покажуваат и недоволна запонзаеност, но како што спомна и недоволно користење на алатките. Меѓутоа и самата законска регулатива, сегашното законодавство и политики кои постојат не успеваат да обезбедат ефективни механизми за учество на граѓаните. Вие имате во законска регулатува, во Закон за локална самоуправа што треба Општината да направи, меѓутоа тоа не е обврзувачко кон Општината и така реално доколку ги погледнеме и веб страните на општините ќе видиме дека се оскудни со споделување на информации кои се важни за граѓаните, а во разговор со советниците и со локалното население можеме да видиме дека неконтинуирано се одржуваат тие средби, дали преку месните заедници, дали преку јавни расправи за буџетот. Еве сега е периодот кога самите општини треба да ги вклучуваат граѓаните и во креирањето на политиките и во креирањето на нацрт буџетот за престојната година. Системот за предлози и поплаки постои, но не знаеме колку од нив се спроведени, како завршиле, многу мал дел од општините во државата може да видиме дека имаат референдуми за прашања кои се од јавно добро“, рече Марина Тошеска, автор на анализата.

 

Учеството на граѓаните во процесот на донесување на одлуки претставува елемент кој е од суштинско значење за локалната демократија. Овој елемент доведува до зголемена транспарентност, но воедно прави и локалните владини функционери да бидат поодговорни во донесувањето на одлуките. На тој начин се воспоставува двонасочно споделување на информации за локалните политики и локалните власти. Граѓанското учество е од суштинско значење кое ги задржува институциите во континуирана работа и поттикнува воедно и економски раст. Ова е особено значајно за руралните општини, бидејќи во нив живее 45% од населението во РСМ и воспоставувањето на механизми за вклученост на руралното население во процесот на креирање на одлуки на локално ниво, освен развивање на демократски процеси, придонесува и за социо-економски развој на руралните средини“, изјави Елизабета Ристеска Мрческа, Здружение на земјоделци Агромаџо.

Без вклученост на граѓаните од руралните средини во креирањето на локалните политики, а тука е и недоволното инкорпорирање на родовата перспектива во локалните политики, нема да има развој на Општините. Руралните средини се составен дел на локалните самоуправи без чиј развој ќе продолжи нивното уништување и масовно иселување на населението од овие места во потрага по подобри услови за живот.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи