МВР ги нарача налепниците со ознака НМК за регистарските таблици

Министерството за внатрешни работи (МВР) склучи договор за набавка на нови регистарски таблици, но и на налепници за регистрациите на кои ознаката МК ќе се замени со НМК.

Според официјалните податоци, тендерот го доби фирмата „КВАНТУМ“ од Скопје  заедно со германската компанија „ЕХА Хофман интернационал“ која ќе ги изработува табличките и налепниците. За оваа цел МВР ќе потроши 2,29 милиони евра (141,6 милиони денари) во период од 3 години колку што предвидува договорот за набавката.

Предвидени се четири типа на налепници за регистарските таблички во зависност од димензиите на истите, сите со различна цена. Па така за налепница со димензија 99×42 МВР ќе плаќа 35 денари, за налепниците со димензии 85х40 милиметри цената ќе биде 41 денар, налепниците со димензии 63х37 милиметри ќе чинат 35 денари и налепниците со најмала димензија изнесуваат 29,5 денари за две налепници.

Колкава ќе биде продажната цена на овие налепници, односно колку ќе ги кошта граѓаните ќе одлучи Министерството за внатрешни работи.

Освен налепниците со новото уставно име, МВР набави и регистерски таблички. Според понудата која е дадена од носителот на јавната набавка „Квантум дооел Скопје“ пар регистарски таблици за возило (образец бр.1) чинат 637 денари со вклучен ДДВ.

Граѓаните најдоцна до 12 февруари 2024 треба да ги променат регистарските таблички и на нив да има ознака НМК наместо досегашната МК, што е обврска која произлегува од Преспанскиот договор.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи