ВИДЕО – Во Прилеп се одржува 28-от Државен орнитолошки шампионат – сабота и недела отворени денови за посетители


Во холот на Домот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп од вчера 14-ти па се до недела 17-ти декември, во организација на здружението „Кардинал“ од овој град, како домаќини, а под покровителство на Орнитолошката федерација на Македонија се одржува 28-от по ред Државен орнитолошки шампионат. Во Федерацијата членуваат 8 здруженија од повеќе градови. Изложени се 510 птици од цела Македонија кои се натпреваруваат по својот изглед, односно стас и боја. Додека за песна тоа биле сосема други натпревари. Се натпреваруваат повеќе видови на птици како: канаринци, бастери, егзоти, папагали, фауна на Европа, птици застапени во нашите планини.

Што точно треба една птица да има за да освои награда и како се поделени наградите?

Значи секоја птица си има одредени карактеристики, тоа се некои светски стандарди пропишани од Светската орнитолошка федерација на која што сме и ние членка. Самиот судија знае кои карактеристики треба да ги има птицата, одгледувачите исто така треба да знаат и сега по оној критериум според кој секоја птица го има, кој е највисок или најблиску до тој светски стандард, таа освојува прво, второ или трето место. Се доделуваат медали, пехар за најубавата птица во својата секција, затоа што овде има многу птици, меѓутоа повеќето се поделени во неколку секции, така да секоја секција си добива пехар, се одбира најубава птица, а потоа од сите птици се одбира една најубава што ќе биде на изложбата“, истакна Ивица Весов, претседател на Орнитолошката федерација на Македонија.

Според одглчедувачите на овие видови на птици Македонија била еден од лидерите во регионов иако често имале проблеми со изложувањето на птиците поради неусогласените законски регулативи.

Соработувате со други странски здруженија, барем на Балканот ако не и пошироко?

Секако, кога сме во можност одиме и на некои светски конгреси што се организираат, кога има Балкански шампионат учествуваме и ние. Малку нам ни е проблем учеството на Светското првенство, затоа што иако сме членка на Светската федерација, затоа што не сме членки на ЕУ имаме малку проблем со приемот на птиците во одредени држава, така да од таа страна сме малку хендикепирани сега за сега, но каде што имаме можност одиме и ги изложуваме, или барем посетуваме тие изложби. А соработка имаме со многу земји.

Споредено со другите држави до каде сме со развојот на птичарството?

Ако гледаме во балкански рамки можам да кажам дека ние сме една од водечките сили, имаме доста добар квалитет, иако не можеме да изложуваме надвор, со самото тоа што посетуваме изложби надвор имаме можност да понесеме квалитетен материјал и можам да кажам дека сме на едно задоволително ниво“, додаде Ивица Весов, претседател на Орнитолошката федерација на Македонија.

Во Македонија има од 300 до 400 регистрирани љубители на овие видови на птици, но нивниот број е далеку поголем, затоа што голем дел од љубителите на вакви видови на птици и не се регистрирани.

Ги набавуваме од секаде, од цела Европа, од таму ги купуваме, овде ги размножуваме кај нас, ги вкрстуваме, вадиме мутации, бастардираме…

 Колку чинат овие птици?

 Значи птицата горе ја купуваме ние многу скапо, по 150, 200, 300 евра, овде кај нас се поевтини.

 Колку чинат во Македонија?

 Во Македонија чинат околу 50 евра, а од странство ги купуваме во 100, 150, 200, 300, 500 евра. Прилеп е најзаразен со птициве, поготово со трнанот, инаку го викаат штиглиц. А има секаде, во цела Македонија, има многу птичари, но малку птичари се натпреваруваат и малку членови има во здруженијата и во друштвата.

Зошто така?

Не сакаат да се експонираат, дали од срам, не знам, бидејќи овде сака работа и знаење. Овде ќе докажиш до каде си стасан со птичарството кога ќе ги оценат судиите, инаку со тебе, со мене можи да си правиме муабет како што сакаш, моите убави, твоите убави, ќе кажи судијата кои се најубави. Има оценување, судии од странство и тие оценуваат, нивното е главно“, истакна Милан Мимичкоски, претседател на здружение „Кардинал“ од Прилеп.

За да птитиците ги поседуваат сите критериуми кои се потребни за да учествуваат на една ваква изложба потребно било да им се посвети и по неколку часови во текот на денот.

Колку време во текот на денот посветувате внимание на овие птици?

На овие птици денеска можеби по 3-4 саати се посветува внимание, да ги храниш, да ги пратиш, ги фаќаат болести, лекарства, па и еден вид на ветеринари сме, бидејќи птицата треба да чуваш, ако заболи тешко се лечи после, нема овде такви лекарства кај нас, а лекарствата кои се квалитетни ги купуваме од странство.

Дали одите на обуки, на семинари да се надоградувате во знаењата?

Одржуваме наши трибини, собири ги викаме ние, се собираме во некое здружение, дали во Прилеп, Скопје, Битола, секаде и држиме такво предавање. Имаме компетентни личности во Федерацијата за помладите птичари да научат како се работи, како се одгледуваат птиците.

Што е потребно за да се чуваат ваквите птици?

Треба да имаш голем мерак, што викаме ние „краста“ да те фати, тоа е.

Дали може да се опише љубовта кон овие птици, што е тоа што те

привлекува?

Еднаш кога ќе ти влези во крвта, во мозокот ова птичарството не излегува доживотно, останува во тебе. Еве јас направив пауза 10-тина години, но еве пак се враќам сега.

Што е убавината?

Убавината е пилето, песната, неговиот изглед, тоа е на прво место.

Значи тоа е што ја исполнува душата?

Ја полни душата тоа, станувам сабајле уште во 5 часот сум внатре, влегувам, мора да ги храниш, секој ден вода се менува, чистота, хигиената е најбитна“, изјави Милан Мимичкоски, претседател на здружение „Кардинал“ од Прилеп.

Денеска е оценувачкиот ден, а додека утре во сабота и во недела се отворени денови на изложбата кога сите граѓани ќе може истата да ја посетат и да ги видат овие несекојдневни птици.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи