ВИДЕО – Крушево преполно за празниците, се бара кревет повеќе, бројот на туристи постојано се зголемува


Капацитетите во Крушево се исполнети над 90% за претстојните празници, како во хотелите така и во приватното сместување. Дел од нив пак се целосно букирани уште пред околу 1 месец. Во овој период најголем дел од гостите се од Македонија, а помал дел од странство. Угостителите очекуваат дека за неколку денови ќе започне вистинска борба како да се дојде до слободни места.

„Очекувањата се на максиумум, капацитетите работат максимум,  исполнетоста оди се нагоре и нагоре. Јас мислам дека во текот на наредната недела ќе се бара и легло повеќе. Секоја година интересот е се поголем и поголем. Пример месец ноември кој секогаш го сметаме како месец каде нема многу туристи беше на навистина завидно ниво“, потенцираше Љубица Степаноска, менаџер на хотел.

Бројот на туристи во Крушево е во постојано зголемување и урива рекорди. Само за разлика од лани бројот на странски туристи годинава е зголемен за цели 100%. Секако за одржување на овој тренд потребни се константни вложувања особено во инфраструктурата, која е еден од главните фактори за развој на туризмот.

„Веќе започнавме со имплементирање на комплетна реконструкција на патот од место викано Порта до Мечкин Камен. Сега најавуваме за скоро деновоиве да започне реконструкција на патот Крушево – Кривогаштани и повеќе локални патишта во самата Општина. Што значи  Крушево навистина ќе стане пример во имплементација и реализација на капитални проекти кои пред се значат живот, а потоа носиме и развој не само на локалната туку и на регионалната економија“, изјави Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

И крушевчани очекуваат гости оваа зимска сезона.

„Очекуваме гости во Крушево, Крушево е многу убаво, природа, чист воздух“, истакна една крушевчанка.

 

„Секоја година Крушево дочекува гости имало, никогаш не сме биле без гости, Крушево е Крушево. Има се што ти треба тука, јадење, пиење, се е обезбедено, убава природа, каде сакаш можеш да прошеташ, поштени луѓе, домаќини“, додаде друг крушевчанец.

 

„За гости се секогаш добредојдени, ако нема место во хотелите има во приватното сместување. Еве и јас до скоро пречекував гости и секогаш се задоволни“, рече друг крушевчанец.

Крушево продолжува да ја гради својата приказна како дестинација за 4 сезони, особено значајно е зголемувањето на странските туристи кои Крушево се повеќе го препознаваат како место за развој на алтернативниот адреналински туризам.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи