ВИДЕО – „Winter Apricots“ полека, но сигурно, станува еден од препознатливите фестивалски брендови на Прилеп


Во киното „Мис Стон“ во Прилеп во тек е осмиот интернационален фестивал на краток филм „Winter Apricots“. Наш соговорник е Дарко Ѓоргиески, еден од двајцата организатори на овој фестивал, покрај Елена Мелончели од Италија.

Господине Ѓоргиески како тече фестивалот, како што кажавме осма година по ред како што има можност публиката во Прилеп тука да погледне филмови буквално од целиот свет?

Ѓоргиески: Најпрво благодарност за одвоеното време и внимание за да го направиме овој прилог. Фестивалот тече одлично, како што споменавте осмо издание на интернационалниот фестивал на краток филм „Winter Apricots“, веќе сериозни години се зад нас, полека структурата на фестивало има сериозна форма, фестивалот има одредена публика која е редовна и сме поприлично задоволни од сите параметри на фестивалот.

Еден од ретките вакви фестивали на ниво на држава. Како се роди идејата за негово создавање и креирање?

Ѓоргиески: Идејата на некој начин се роди случајно, односно средба моја со една италијанска режисерка во нашиот град Прилеп иницираше да се роди едно фестивалче на почетокот, кое еве стигна до осмо издание, стигна до еден солидер, сериозен фестивалски проект, така да тоа е идејата, нема некоја посебна приказна, едноставно 2 исти фреквенции се споија, ентузијазмот се канализираше и едноставно ете се одржуваме сега за сега.

За овие 8 години колку филмови и од кои се држави поминале тука, се проектирале пред публиката, дали имате некаква статистика?

Ѓоргиески: Па значи како што споменавме станува збор за интернационален фестивал во кој има 3 натпреварувачки селекции и неколку оф програми, секоја година варирал бројот на придружната програма. Можеби точната статистичка бројка не ја знам, но некој просек ако ги помножам годините станува збор за некоја бројка од 1.000 кратки интернационални и домашни филмови, така да тоа е навистина едно завидно ниво на филмови. Исто така сакам да посочам дека нашиот третман, бидејќи јас и мојата колешка сме и селектори на филмовите и нашиот третман е посветен во селектирањето на филмовите, односно се трудиме да има разновидност, односно застапеност и на независни продукции од разни места во светот, но и на сериозни проекти кои се и кандидати за оскар, како што е случајот и оваа година каде имаме 2 кратки филмови во интернационалната селекција кои се кандидати за оскар.

Како ги селектирате филмовите, како доаѓате до авторите, дали тие сами се пријавуваат или вие ги контактирате?

Ѓоргиески: Пријавувањето на филмови е еден стандарден фестивалски процес, ние распишуваме повик за пријавување на некои 6 месеци пред фестивалот кој го промовираме на извесни мрежи, во светот постојат мрежи како овие добро познати социјални, исто така и филмски мрежи кои се доста разработени и сериозни режисери имаат профили таму. На таа платформа ние ги собираме филмовите. После затворањето на повикот започнува процес на селектирање, еден макотрпен процес на прегледување филмови, на создавање критериуми, долгочасовни разговори и комуникации меѓу нас селекторите, итн., итн., за да стигнеме до нешто кое ќе биде официјална селекција, или лицето на „Winter Apricots“, тоа е нашата идеја, нашите разбирања за одредени подлабоки прашања презентирани преку селекцијата на Winter Apricots.

Оваа година колку филмови има?

Ѓоргиески: Вкупниот број оваа година на филмови е 43, од нив 28 се во натпреварувачки селекции, односно тоа се интернационалната или официјална селекција, балканската селекција и домашната македонска селекција.

Дали дел од авторите на тие филмови се можеби присутни тука во Прилеп?

Ѓоргиески: Ние имаме пракса, во пропорција со нашите финансиски можности да ги каниме сите селектирани финалисти обезбедувајќи им некои скромни сместувања и такви работи. За жал оваа година ќе имаме претставници само од домашните селектирани филмови, има 5 македонски филма во македонската селекција и од секој филм ќе има дали дел од екипа, дали режисер итн., но мислам дека и за еден филм од интернационалната селекција е пријавен режисерот, станува збор за режисер од Грција, мислам дека планира да дојде во Прилеп.

Дали ова е единствениот ваков фестивал во Македонија?

Ѓоргиески: Не, во Македонија постојат повеќе фестивали, особено во последно време се појавија многу фестивали на краток филм. Нема премногу, јас не ја знам точната бројка, така да не, има повеќе фестивали на кратки филмови. Сега јас не сум добро запознат со нивните концепти, мислам дека некои се тематски, некои таргетураат први филмови на режисери, можеби во ваков формат и вака општ формат на фестивал можеби и да нема.

Сепак за ваква организација освен волја, желба, потребни се и финансии. Дали сте поддржани од некоја институција во државава?

Ѓоргиески: За прв пат на ова осмо издание имаме финансиска поддршка од Агенцијата за филма на Македонија, за која сме и благодарни, се надевам дека ќе ја оправдаме довербата и дека ќе продолжиме да соработуваме. Досега сме немале, така да за нас ова е нов момент, можеби сме постабилни финансиски, но и одговорноста е поголема, така да предизвикот е прифатен во секој случај, ние со задоволство го работиме фестивалот.

Спомнавте дека освен официјалниот дел има и оф програма, што оваа година ќе биде пред публиката прикажано?

Ѓоргиески: Имаме и оф програма, во каталогот наречена и придружна програма, стандардно структурата на фестивалот е отвораме со музички концерт, во четврток во 9 часот имавме концерт на групата Сиз од Куманово, а затвораме во сабота вечер со концерт на групата Летечки Пекинизери. Исто така имаме и промоција на книга во нашата придружна локација кафе галерија „Лувр“, промоција на книгата „Замислување на мирот“ на режисерот Вим Вендерс и професор доктор Мери Зорнази, која ќе биде промовирана од еден од преведувачите, Александар Еленин ќе биде присутен. Исто така имавме и предфестивалска проекција на видео арт, една специфична гранка во филмското поле, организирана и претставена од Влатко Галевски, а самиот видео арт е производ на Борјан Заревски, еден наш експериментален видео артист. Горе долу тоа е придружната програма.

Кога сме кај оф програмата, може да споменеме дека имате и едно летно издание на овој фестивал, кое исто така е дел од оваа придружна програма?

Ѓоргиески: Точно така,„ Winter Apricots“ има некаков сестрински настан во летните денови, некако е гревота да не го искористиме летото за некаков настан. Настанот се вика „Филмски квечеринки“, се случува на Могила. Оваа година имавме многу успешно издание, прикажувавме долгометражни филмови и завршивме со концерт на Луфтханза.

За крај кои се вашите идни планови, каде го гледате овој фестивал, како би го оцениле пред 8 години и денес?

Ѓоргиески: Ај прво на второто прашање, односно како го оценуваме во споредба со првото издание и осмото издание, значи фестивалот расте, регрутираме искрена публика, нешто за кое мене ми е навистина драго. Фестивалот има еден ден повеќе во однос на првите изданија, продукциски и организациски е многу, многу солиден, ние сме доста задоволни од прогресот. Сега влегуваме и во вашето прво прашање, едноставно очекуваме да расте фестовалот, да стане една ориентациона културна точка како на локалните сограѓани и жители, така и пошироко, луѓето, децата да се идентификуваат со овој проект, едноставно да остане нешто што ќе трае, што ќе има иднина. Конкретно очекуваме во следните години, со надеж во десеттото јубилејно издание да го прошириме форматот, односно барем еден ден или два денови повеќе.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи