Пендаровски: Уставните измени, европскиот пат и сложна демографска политика мора да бидат приоритети во наредниот период

Facebook
Twitter
Email
Print

Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска напладне го одржа годишното обраќање во Собранието пред пратениците, кое што е последно во овој неговиот мандат.

Пендаровски истакна дека без разлика кој ќе биде на власт по предвидените избори, уставните измени, европскиот пат и сложна демографска политика мора да бидат приоритети во наредниот период.

„Со одлагање на уставните промени, ќе пропуштиме уште една прилика која може да не чини најмалку уште една деценија надвор од интеграциите, а тоа ќе значи, помал економски прогрес, полош стандард за граѓаните и поголемо иселување. Во таа деценија сигурно нема да ги вратиме младите од Канада, Австралија и Нов Зеланд, ниту од новите дестинации на емигратска Македонија – Емирати, Малта, Хрватска или Словенија. Поделбите во македонското национално ткиво за ова прашање се контрапродуктивни за виталноста на нашата кауза. Во таа смисла, обновените странски пропаганди “одлично” си ја вршат својата работа, практично без прекин, повеќе од еден век, така што нема потреба ние дополнително да копаме за да го продлабочиме јазот меѓу нас. Евентуалното забавување, уште повеќе, целосното запирање на европските интеграции, нема да се одрази добро врз ниту една сфера од општественото живеење, почнувајќи од економијата, па сѐ до меѓуетничките односи. Ентузијазмот меѓу граѓаните за членство во Унијата драматично опаѓа, се наоѓаме на критична точка и ова е последната шанса да ја сочуваме мнозинската поддршка за преговорите што секогаш имаат неутрализирачки ефект наспроти структурите кои сакаат да ја поткопаат демократијата“, рече Пендаровски, додавајќи дека доколку обезличувањето на Македонецот е патот по кој треба да се оди за да се стигне до Унијата, тој не познава некој кој е подготвен да чекори по тој пат.

Тој го оцени како крајно неодговорно играњето со чувствата на Македонецот и печалењето ситни политички поени на темата страв од наводно губење на идентитетските атрибути.

Шефот на државата посвети посебно внимание на корупцијата и на судството. Тој констатираше дека со години се соочуваме со отпори од повеќе страни при секој обид за суштински реформи во правосудниот систем, а како причина ја посочи спрегата помеѓу делови од политичката и од бизнис-заедницата со дел од судиите и обвинителите, која во изминатите децении создаде атмосфера во која развивме ендемска корупција што ја загрозува виталноста на државата.

„За жал, се стекнува впечаток дека САД и Европската Унија се поревносни борци против корупцијата кај нас од нашите институции. Меѓутоа, странските санкции не се доволни, не само затоа што не се проследени со домашни санкции. Имено, ние се соочуваме со многу подлабок проблем, бидејќи корупцијата, во меѓувреме, стана начин на живот за многумина или како што неодамна ја опиша еден странски амбасадор, станува збор за менталитет на луѓето кој мора да се менува. Тука, сакам на следниот парламент да му го порачам она што веќе го имам јавно предложено неколку пати: веднаш по изборите да спроведеме прочистување и кај судиите и кај обвинителите, но, прво, кај нас ‒ политичарите. И за секого, за кого нема логично образложение како со државна плата станал милионер, треба веднаш да следи не само оставка, туку кривична постапка“, порача претседателот Пендаровски.

Пендаровски се осврна и на катастрофалниот демографски тренд истакнувајќи дека најголемата закана за нашата национална безбедност и, воопшто, за иднината на Македонија е демографијата.

„Имено, реалноста е дека сите етнички заедници се помалку во апсолутни бројки и дека ниту една етничка заедница не „загрозува“ друга, туку дека сите сме загрозени. Затоа ни е итно потребна демографска стратегија, но поддржана и од власта и од опозицијата, која ќе се заснова врз податоците од пописот, но и врз проекциите за демографскиот развој до 2070-та, кои пред некој ден ги објави Државниот завод за статистика. Таа стратегија, начелно, треба да се состои од два елемента. Првиот го сочинуваат активните демографски политики што ќе го стимулираат наталитетот, а вториот е соочување со реалната состојба. Тоа значи дека треба да бидеме свесни дека активните демографски политики би дале резултати по десет, или по дваесет години“, рече Пендаровски.

Претседателот својот говор го заврши велејќи дека никогаш во неговиот мандат не учествувал во валкани кампањи против политичките опоненти, иако од нив не бил поштеден ниту тој ниту неговото семејство, никогаш не договарал тендери и провизии, не вработувал роднини и пријатели и никогаш за себе или за најблиските не побарал посебен третман.

„Сметав дека е моја морална обврска да ги застапувам ставовите на маргинализираните, оштетените од неправдите или невидливите, заборавените од системот чиј глас не допира до институциите. И од тој аспект, мојата совест е мирна“, рече претседателот Стево Пендаровски во македонското Собрание.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи