ВИДЕО – В година домаќин на градската слава ќе биде Општина Прилеп


Прилеп денеска го одбележа својот патрон празник, градската слава Свети Никола. Чествувањето на овој голем христијански светител започна со Божествена Литургија со која што чиноначалствуваше Митрополитот Преспанско-Пелагониски, Г. Петар во црквата Свето Благовештение, а потоа од црквата до центарот на градот имаше Литија. Кај Параклисот посветен на Свети Никола се одржа водосвет и пререживање на славскиот колач. Годинешните домаќини од компанијата Комфи Ангел упатија апел да се почитуваме и сакаме помеѓу себе.

Ајде денеска овде на Св. Никола да си ветиме дека нема да бидеме туѓи едни со други, дека ќе си ја отвориме портата, срцето и синијата на прилепчанецот, на братот прилепчанец, на сестрата прилепчанка, на комшијата и колегата кој искрено си го сакаме. Ајде да го надминиме тој лош епитет кој нѐ носи дека не можиме да поднесиме успех, дека не сакаме луѓето да бидат успешни, дека се радуваме на нивните несреќи. Зошто ние се плашиме да си признаеме дека се сакаме, само тоа е изворот на нашето решение. Сите ние се крстиме, 100 пати во текот на денот, 100 молитви, а забораваме на суштината на нашата религија, а тоа е љубов и ништо друго нема посветло од љубовта. Љубовта пред сѐ према Бога, према родителите, према државата. Комфи Ангел својата додатна вредност ја создава во Прилеп, со прилепчани. Како да не вратиш некаде каде нешто создаваш, кога Бог ти овозможил да создаваш нешто додатно, ти имаш обврска и морална одговорност да вратиш во тоа општество и затоа Комфи Ангел уште многу пати ќе покаже дека е достоинствен домаќинж“, вели Ирена Јакимоска, генерален менаџер на Комфи Ангел.

В година домаќин ќе биде Општина Прилеп.

„Традицијата претставува идентитет на секоја држава, а нешто што не прави горди нас како прилепчани е токму ова, чувањето и негувањето на вистинските вредности, верата, традицијата и историјата. Токму затоа нашата Локална самоуправа ќе продолжи да го развива актуелното творештво а исто така и да ги чува и негува локалните традиции и духовноста, обновувајќи го Прилеп како препознатлива дестинација во која ќе може секој гостин добронамерник да не посети и да го доживее  духот на вековното традиционално наследство“, истакна Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

Митрополитот Петар рече дека се наоѓаме во тешка морална криза и дека како народ сме биле заспани кога станувало збор чувањето на вредностите и државата.

 Треба навистина мои браќа и сестри сите ние без оглед на нашата припадност, верска и национална и социјална и каде и како и да сме да сватиме и разбериме дека нашата татковина ни е на работ на опстојот, ако не преземеме соодветни мерки, и не само во државата, туку и во црквата, тогаш мислам да не бараме виновници надвор од татковината и црквата, туку ние ќе сме вистинските виновници за она што ни се случува“, кажа Г. Петар, Митрополити Преспанско-Пелагониски.

Прилепчани пак истакнаа дека се горди на овој ден и сакаат да продолжи традицијата.

„Ова е одбележје на градот, заштитник на градот, многу е убаво, да продолжи“, рече една прилепчанка.

 

Треба да продолжи сѐ, градот ни е таков и традицијата мора да продолжи“, додаде друга прилепчанка.

 

Ова е нарадот да се собери, да се почувствува благодетта на дедо Св. Никола“, истакна еден граѓанин.

 За сите присутни домаќинот обезбеди посна трпеза во центарот на градот, а свој настап имаше нашата поп дива Калиопи.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи