Денеска чест и задоволство е пред овој споменик да се потсетиме на се она што е Крушево, град на историја, култура и традиција. И затоа викам јас преку партнерски однос помеѓу централната и локалната власт ние сме одличен пример како ние треба да се претставиме и спрема домашните и спрема странските гости кои ни доаѓаат се во поголем број, истакна денеска градоначалникот на Крушево, Томе Христоски, при посетата на министерката за култура на овој град, Бисера Костадиновска-Стојчевска.
„Оваа година Крушево заслужно го доби епитетот Град на култура за 2023 година преку организација на повеќе настани и голем е придонесот на Крушево да се здобие со таков епитет за привлекување на голем број туристи, презентирање на градот во едно поинакво и поубаво светло, дисперзија и доближување на културата на сите граѓани како од нашата држава така и надвор од неа. Имавме многу богата програма која траеше преку целата година, организиравме преку 50-тина настани досега. Ни остануваат уште 2 настани до завршување на оваа 2023 година. И со тоа ја заокружуваме успешната година во поглед на културата. Новогодишен хуманитарен базар кој ќе се одржи на 29 декември во градскиот парк и новогодишна претстава со Дедо Мраз со која ќе ги разнежниме децата. Во соработка со учениците од основното училиште и гимнаизјата „Наум Наумоски – Борче“, рече Христоски.
Беше најавено и тоа дека оваа година за прв пат после децении постоење се формираше Национална установа „Научно културни средби 10 Дена крушевска република“.
„И тоа од едно здружение прерасна во Национална установа како што му прилега на Крушево и Крушевската република, ако Крушево е симбол на Републиката и стожер на се што започнало. Од тука сакам да искажам огромна благодарност до Министерството за култура предводена од Министерката за култура каде што после децении се вложува во Крушево. Исто така сакам од тука сакам да искажам уште една благодарност што оваа година добивме средства за бина. Околу 1,1 милион денари. од Министерството за култура, а Општина Крушево кофинансираше со 900.000 денари“, додаде Христоски.
Христоски потенцираше и тоа дека Македониумот и другите споменици кои се од исклучителна важност не само за Крушево туку и за цела држава, со заедничко вложување на општината и државата, но и со средства на странските Фондови ќе бидат реконструирани и реновирани.