Ќе се бара странска помош за целосна реконструкција и обнова на Споменикот Илинден во Крушево или уште попознат како Македониум. Со години таму сликата е навистина катастрофална зелени и мувлосани ѕидови, кога врне внатре во споменикот течи вода од витражите и корозираната метална конструкција, а вода навлегува и преку пукнатините кои се појавиле на самата бетонска конструкција на објектот. Сега во јануари ќе се докомплетирал проектот кој што го работел прилепскиот Завод и музеј за да се види што треба понатаму да се работи. Во Македониумот со години се нешто се работи, ама никако да се сработи како што треба.
„Сакам, односно сакаме тоа што ќе се сработи да биде навистина квалитетно и да бидеме како министерство,како држава и како општина да бидеме на висина на задачата. Не само колку да се санира тоа времено, па дали ќе прокапи на првиот дожд или не да гледаме после. Имаме професионалиц во државата, но ни треба и помош од странски експерти за целосно дооформување на идејното и финалното решение“, истакна Бисера Костадиновска-Стојчевска, министерка за култура.
Денововиве таму историчарот на уметност Борис Маркоски за прв пат откако е изграден споменикот на 8 паноа постави 114 фотографии и документи за тоа како истиот се градел и е пуштен во употреба во 1974 година.
„Остануваше стално еден сегмент недообјаснат. А тоа сето се лоцираше во едно прашање, како ова го направиле, како ова го издејствувале. И тоа сувопарно објаснување како е направен споменикот, архетектонското решение, архитектурното, градбеното решние, материјалите од кои е направен и итн. Ме натера да помислам да помислам да направам една изложба која дефинитивно е од едукативен карактер и која треба тука во споменикот да остане трајно или во текот на поголемиот период во текот на годината“, изјави Борис Маркоски, историчар на уметност.
Инаку за прв пат оваа година манифестацијата „Научно културни средби 10 Дена крушевска република“ прераснува во Национална установа која допрва треба да ги развие своите органи и тела.
„Се формира Национална установа „Научно културни средби 10 Дена крушевска република“ и тоа од здружение прераснува во една вистинска Национална установа како што му прилега на Крушево и Крушевската република, ако Крушево е симбол на Републиката и стожер на се што започнало. Од тука сакам да искажам огромна благодарност до Министерството за култура предводена од Министерката за култура каде што после децении се вложува во Крушево“, рече Томе Христоски, градоначачалник на Крушево.
„Формирање на Национална установа значи дека посветуваме внимание токму на тие елементи да се одбележи и да се задржи тој начин на одбележување. Понатаму да нема никаков вид на влијание или дејности кои би го прекинале тоа одбележување или би го однеле во некојј друг правец. Тоа формирање на Национална установа значи дека сме установиле дека тоа е од национален интерес“, додаде министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.
За кратко време треба да биде завршен и музејот на Илинденското востание кој се реконструира скоро 10 години.