Државата наплатила рекордни 62 милиони евра од патарини годинава

Facebook
Twitter
Email
Print

 

Годината што изминува е рекордна од аспект на инвестиции, рекордна година на приход од наплата на патарини, но и историска година затоа што е потпишан договор за идните генерации и за иднината на секој граѓанин и отпочнат проект за градење на 110 километри автопатишта со “Bechtel & Enka”, изјави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми презентирајќи ги резултатите од работата на претпријатието.

Оваа година, според Рустеми ќе ја завршиме со рекорден приход од 62 милиони евра.

„Поточно, годинава имаме 100 проценти зголемување на приходите од патарина за разлика од пред три години. Како споредба, во 2020 година од наплатени средства по основ на наплата на патарина остварен е вкупен приход во висина од 34 милиони евра, во 2021 година од над 46 милиони евра, во 2022 година износот е веќе над 53 милиони евра и оваа година ќе ја завршиме со 62 милиони евра“, рече тој.

Според Рустеми парите собрани од наплатата на патарините се трошат за одржување и рехабилитација на постоечките, како и изградба на нови патишта

„Приходите кои се слеваат во нашиот буџет по основ на наплата на патарини и на други приходи се враќаат како инвестиција во одржување, рехабилитација и изградба на патишта. Една од слабите точки што ги констатирав како прв човек на државни патишта беше одржувањето на патиштата, посебно на автопатите за што со право често бевме критикувани. Од тие причини годинава дополнително преземавме конкретни чекори да ги поправиме состојбите и во интерес на безбедно одвивање на сообраќајот на автопатиштата. Во наредните години ЈПДП континуирано и сеопфатно ќе врши чистење на автопатските делници“, кажа Рустеми.

 

„Во овој период се изградени, реконструирани и рехабилитирани државни патишта  во должина од 630 километри, од кои поголем дел од нив 40 години не беа ставени на дневен ред и кои беа во исклучително лоша состојба. При тоа, приоритет ни беа сите патишта коишто  водат кон граничните премини. Во тек е изградба на 160 км автопатишта и 51 км експресни патишта, како и изградба и рехабилитација на 65 км регионални патишта со инвестициона вредност над 2 милјарди евра“, додаде тој.

За застојот на патот Кучево – Охрид и натамошната соработка со компанијата – изведувач Синохидро, директорот на ЈП ДП кажа дека веќе денеска на владина седница ќе се одлучува, по разгледувањето на извештајот на ФИДИК експертот, како и извештајот од Државниот завод за ревизија.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи