Македонци не смеат да се пријават на оглас за лекари во ГАК, за Меџити и Ковачевски сѐ е законски

Facebook
Twitter
Email
Print

Огласот на Универзитетската клиника за Гинекологија и акушерство во Скопје каде што е наведено со напомена дека се бараат лекари со албанска етничка припадност предизвика силни реакции кај јавноста.

Според Јавниот оглас за вработување на здравствени работници на неопределено време ГАК има потреба од двајца доктори на специјализација по гинекологија и акушерство, еден од турска и еден до албанска националност, предвидено е вработување на двајца специјализанти по педијатрија од албанска националност и специјализанти по анестезија и интензивна медицина каде што се бараат Ром (ка) и Албанец (ка).

Министерот за здравство Фатмир Меџити вели дека знаењето и искуството треба да бидат пред сè, но законот за вработени во јавен сектор предвидува да има правична застапеност на етничките заедници во сите институции, па и во болниците.

„Да го расчистиме и ова. Огласот се одобрува од управниот одбор на клиниката. Според член 5 од законот за вработени во јавен сектор се предвидуваат вработувања согласно начелото за соодветна и правична застапеност. Во член 20 од истиот закон е предвидена прераспределбата на бројот на планирани вработувања да биде соодветна за одржување на правичната застапеност. Ова е законот, но знаењето и искуството се пред сè“, одговори Меџити на прес-конференција во Владата.

Според премиерот пак, законот бил таков, но етничката припадност според него не може да биде професија.

„Јас не можам стручно да одговорам. Законот, тоа е законот. Значи, огласот мора да е според законот. Инаку, да, јас сум кажал многу пати етничка припадност не може да биде професија. Етничка припадност е професија само на Западен Балкан, никаде на друго место. Ќе ви дадам пример, кога беше пандемијат од Ковид 19 голем број на наши граѓани имаа потреба од Инфективната клиника. И таму, ако се сеќавате, беа Демири, Цана и Стефановиќ, така што етничка припадност не игра улога во професионалност. Тоа сакам да го кажам“, рече Ковачевски.

Според претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска неуставни и незаконски се сите огласи за вработувања во јавната администрација во кои се бара кандидатите да бидат припадници на соодветна националност и рече дека пред Уставот сите се еднакви и нема никаква разлика дали некој е Македонец, Албанец, Турчин, Србин, Влав.

„За огласите на другите институции во кои веќе две децении се нагласува од која националост треба да бидат примените кандидати, не сум ги видела, но ако се такви, огласите се противуставни“, смета претседателката.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи