ВИДЕО – Со 2 огномети од Топташ и Маркови Кули планинарското друштво Златоврв одбележа 100 години постоење


Со два спектакуларни огномети од двете страни на Прилеп, едниот од врвот Топташ на Селечка планина, а другиот од спротивната страна на Маркови Кули планинарското друштво Златоврв од Прилеп ја одбележа 100 годишнина од своето постоење и им посака на сите прилепчани, здравје, среќа, љубов и бериќет во Новата. Воедно Златоврв е и најстарото планинарско друштво во Македонија, формирано далечната 1924 година, кога всушност започнува и организираното планинарство во државава.

„Среќна Нова 2024 година, среќа, радост, бериќет за сите прилепчани и Македонци. Денеска започнува одбележувањето на 100 годишнината на планинарското друштво Златоврв Прилеп. Вечерва со симболичен огномет ја означивме јубилејната 100 годишнина од нашето друштво, нека се множат сите овие јубилеи“, истакна Христо Белокапоски, претседател на СКК Златоврв.

Едната група планинари и љубители на природата тргна од патот за селото Селце и се упати кон Топташ, а другата од кај познатата карпа наречена Слонот, во подножјето на ридот Маркови Кули, се искачи на познатиот врв Тапанче.

„Во организација на ПСК Златоврв, 2 групи од две локации, Маркови Кули и Топташ направивме огномет во чест на 100 годишнината од клубот. Ги поздравувам сите љубители на планините, посакувајќи им Среќна Нова Година, да бидат што поактивни по планините и да се грижат за природата“, рече Златко Ангелески, претседател на ПСК Златоврв.

Ова е првата активност на друштвото за 2024 година која ќе биде исполнета со голем број настани од сите 5 посебни друштва кои со текот на времето се создаваат од Златоврв, а тоа се Спортско качувачкиот клуб Златоврв, потоа Спелеолошкиот клуб, Ориентациониот клуб, Планарско-спортскиот клуб и најново Спасителната служба Златоврв.
Во центарот на Прилеп годинава немаше организирано огномет, но затоа сликата на градот со големиот број огномети погледната од околните планини беше навистина прекрасна. Среќна Нова Година!

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи