ВИДЕО – 16-та хуманитарна акција во прилепските цркви за Божик – вечерва се подготвија хуманитарните пакети


По 16 пат во Прилеп во организација на неформалната хуманитарна организација Св. Никодим Тисмански и Прилепски која функционира во состав на црквата „Св. Благовештение“ се одржа хуманитарната акција за големиот христијански празник Божик. Вечерва се пакуваа пакетите со храна и хемиски средства кои утре ќе им бидат поделени на околу 140 социјално загрозени семејства. Околу 2 недели во 4-те најголеми прилепски цркви стоеја кутии за донации каде граѓаните донираа, а потоа со тие пари се купија намирниците за овие хуманитарни пакети.

„Јас сум благодарен на Бог што пред се сме дел од една ваква акција, од едно вакво семејство. Благодарен сум на сите кои донираат и не поддржуваат во оваа акција. Не станува збор само за нас кои сме вработени во црквата и свештениците, туку во вакви акции треба сите заеднички да учествуваме. Хуманитарната организација е само еден мал поттик, една информација се споделува преку црквата дека нешто хуманитарно се случува. Треба да бидеме самите свесни дека на овие два големи празници Велигден и Божик, да им подадеме рака сиромашните, за тој ден да ја постават трпезата, можеби ќе биде скромна, но да имаат некаква трпеза. Треба сами да бидеме свесни, не треба да чекаме некој да не повика на некаква акција, туку ние да погледнеме околу себе да видиме на кого му треба помош најмногу, на некој болен, на некој кој неможе да заработи, некој кој нема и да му ја дадеме помошта за овие денови, за време на Божикните и Велигденски пости да направиме еден добро дело“, истакна Драган Џокоски, хуманитарна организација Св. Никодим Тисмански и Прилепски.

Од година во година бројот на оние кои донирале постојано растел, но за жал за двојно се зголемувал бројот на оние на кои оваа помош му била најпотребна. Вакви акции се во прилепските цркви се прават 2 пати за Велигден и сега за Божик. Но на социјално загрозени семејства им се помагало преку целата година.

„Во нашата црква, Св. Благовештение, има една кутија која собира парични средства, донации, преку целата година и тие парични средства се користат за донирање на семејства кои имаат потреба од операција, му се случило пожар во домот, им треба некаков друг вид на помош, обично тие пари се користат за такви намени. И нормално дека и ние самите учествуваме со наш прилог, кој колку може да оддели од нашите средства , ставаме и ние во тие каси преку целата година. Дел од овие семејства кога и да имаат потреба да имаат некаква треба во црквата, венчавка, крштевка, погреб, нив тоа не им се наплаќа. Црквата е она кое треба да не спои во едно вакво нешто. Ако не е црквата и ако не беше оваа хуманитарна организација јас мислам дека малку ќе имаше вакви дела за овие 16 години. Сепак благодарност на Бог што не удостои да бидеме дел од едно вакво семејство, од една ваква акција и се надевам дека и во иднина ќе продолжиме со исто темпо и дека ќе бидеме секогаш тука за оние на кои што им сме најпотребни“, додаде Џокоски.

Вечерва се направија околу 140-тина пакети за семејства од кои 100-тина ќе бидат поделени во Прилеп, а останатите во прилепските села. Исто така на 20-тина лица кои живеат сами им се даваат парични средства да си испазарат потребни намирници од најблиската продавница. Пакетите бесплатно до домовите на социјално загрозените семејства ги доставува една такси компанија од Прилеп.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи