Пропадна тендерот за изградба на „Чебрен“ – владата нема да ја активира банкарската гаранција

Грчката компанија „Архиродон“ која победи на тендерот и требаше да ја гради хидроцентралата „Чебрен“ на Црна Река не успеала да собере пари за изведба на проектот од банкарски кредити и затоа и овој тендер, четиринаесетти по ред, пропаѓа.

„Тендерот пропадна бидејќи понудувачот не достави продолжување на банкарската гаранција, со тоа понудата веќе не важи. Знаете дека беше Ковид криза, енергетска криза се променија условите на пазарот и најверојатно тоа имаше влијание во одлуката. Не навлегувам кои се причините зошто грчката компанија се откажа“, изјави Каја Шукова, министерка за животна средина.

Владата нема да бара активирање на банкарската гаранција од грчката компанија во висина од 1,4 милиони евра и допрва ќе одлучува дали ќе се оди со нов тендер или пак ќе се обиде да ги најде парите за изведба на овој капитален и стратешки проект за државата.

Изградбата на хидроелектрана „Чебрен“ е стратешки проект бидејќи би била една од клучните алки во енергетскиот систем и производството на електрична енергија, ќе придонесе кон транзиција од обновливи извори на енергија и ќе го намали притисокот врз термоелектраните кои користат јаглен и се основни извори на производство ан електрична енергија.

Здружението на инженери се на ставот дека државата има капацитет да го изгради овој капитален проект, со што парите нема да се одлеат во странска фирма. Токму затоа дел од експертската енергетска јавност беше против грчката компанија „Архиродон“ да го гради „Чебрен“ и бараше тоа да го стори државата, за што поднесоа претставки до неколку институции и претседателот Пендаровски.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи