„Стентон градба“ ќе гради детска градинка во индустриската зона во Прилеп со капацитет од 250 деца


Со амбуланти, детски градинки и објекти за времено сместување кои имаат сопствени мензи и соби за престој ДТИРЗ значајно ќе ја зголеми атрактивноста за вработување на нови лица во постоечките капацитети во  економските зони, но што е поважно ќе ја подобри нивната конкурентност во привлекувањето на нови компании кои ќе покажат интерес да отворат производни капацитети во Македонија

Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ДТИРЗ) ќе вложи 29 милиони евра во изградба на објекти со кои ќе се подобрат условите за работа во индустриските зони во Скопје, Штип и Прилеп. Според официјалните податоци кои се објавени во договорот со градежната компанија „Стентон градба“ која го добила тендерот, ДТИРЗ ќе гради: објекти за времено сместување, амбуланти, детски градинки и складишта со простор за паркирање во овие слободни економски зони.

Според договорот „Стентон градба“ се обврзал освен градбата на објектите да изработи и целокупна техничка документација, но и трафостаници за снабдување со електрична енергија на новите објекти. На тендерот на ДТИРЗ се јавиле две домашни компании, но битолчаните „Стентон градба“ дале подобра понуда од струмичаните од „Жикол“.
Според договорот „Стентон градба“ има рок да изгради односно изведе објект за времен сместување за 280 дена откако ќе добие правосилно градежно решение. Ист е рокот и кај изградбата на детски градинки и амбуланти во слободните економски зони на ДТИРЗ. Што се однесува до објектите за складирање и паркинзите рокот за изведба ќе биде 150 дена по добивањето на правосилност на решението за градба.

Според достапните податоци од спецификациите и програмата за изградба, кои се дополнителна јавно достапна документација, детските градинки во Прилеп и во Штип ќе може да примаат до 250 дечиња, а градинката во скопската технолошко- индустриска развојна зона ќе може да прими до 600 дечиња.
Од податоците во програмата вреди да се издвои тоа што објектите за времено сместување ќе имаат еднокреветни, двокреветни и повеќекреветни соби, а ќе располагаат и со ресторани. Вкупниот градежен габарит надминува 65.000 квадратни метри.

Повеќе детали за овој договор може да се најдат на следниот линк https://e-nabavki.gov.mk/PublicAccess/home.aspx#/dossie-acpp/8e77e42b-fbba-4987-ac48-5ea60ddc585e

Што се однесува до компанијата што го доби тендерот вреди да се истакне дека во 2022 година (најнови годишни официјални финансиски податоци) „Стентон градба“ ја завршил со добивка од 1,5 милиони евра. Нејзините приходи во таа година надминале 21,1 милиони евра, а компанијата вработувала 154 лица.

„Стентон градба“ е регистрирана за дејност изградба на станбени и нестанбени згради и постои 20 години.

Извор: Фактор

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи