ВИДЕО – Нема поголема радост на светот од онаа кога ќе постигнете успех со децата со попреченост, велат згрижувачите, но во Прилеп се намалува бројот на овие семејства


Ацка Божиноска од Прилеп веќе 21 година е згрижувач на деца. Чувала и здрави, но и деца со попреченост. Досега има згрижено и одгледано 8 деца и сите се вратени кај нивните родители. Моментално кај неа има 2 дечиња.

Да се постигни успех со вакви деца, дете со попреченост да го донесиш до оваа состојба како што е сега е стварно голема радост и среќа. На училиште оди, сите петки му се, деветто одделение, сега размислуваме за средно да го запишиме. Има голем напредок, сум задоволна од напредокот, со многу љубов сѐ можи да се постигни, секоја работа ако ја работиш со љубов ќе има резултати, така и оваа работа“, вели Ацка Божиноска, згрижувач.

И Весна Димоска, згрижува вакви дечиња веќе 22 години. Досега има згрижено 3 деца, од кои 2 се се уште со неа еве веќе 2 децении.

Прво ми беше страв, не си се соочил со такви деца, не знаеш како е, се решивме со мажот ми да земиме, зедовме прво едно, па уште едно, па уште едно. На секој му препорачувам да земи едно, со едно кога ќе види дека ќе напредни детето ќе побара уште едно и тоа да тргни за напред“, додаде Весна Димоска, згрижувач.

Но зал жал во Прилеп се намалува бројот и интересот на згрижувачките семејства. Во моментов има само 21 семејство, каде се сместени 27 малолетни и полнолетни лица. Најголемата причина за ова социјалните работници ја гледат во зголемувањето на возраста на згрижувачите и иселувањето на младите кои би биле потенцијални згрижувачи.

Очигледно дека е потребно да се спроведуваат кампањи и трибини за мотивирање на населението за да се вклучат, за да пружат потребна грижа и помош на деца кои останале без своја вина без родителска грижа. Ги имало како такви, но пожелно е и во иднина да се спроведуваат. Ние сме достапни како Центар и како стручни лица на сите кои пројавуваат интерес, ги запознаваме со критериумите и правилникот за стекнување на таков статус за згрижувач“, истакна Смилка Илиеска, социјален работник.

Паричниот надоместок од државата за сместување и згрижување е различен во зависност од возраста на детето и степенот на попреченост, како и бројот на згрижени деца во семејството. Годинава истиот треба да се зголеми, што можеби ќе биде и мотив повеќе за да се згрижат ваквите лица.

Би преставувало стимул за да се зголеми бројката за згрижувачки семејства. Една од причините е и цензусот, исплатата на висината на надоместокот. Меѓутоа не е за потценување тој надоместок, затоа што покрај тој надоместок згрижувачите добиваат и други надоместоци за згрижените деца во зависност од здравствената состојба, тука е посебниот додаток со свој износ, здравствената заштита, образовниот додаток доколку се вклучени во училиште“, потенцираше Илиеска.

И експертите и згрижувачите се надеваат дека во иднина ќе се зголеми бројот на млади згрижувачи кои ќе им пружат родителска љубов на овие дечиња.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи