Не се знае кога ќе биде завршен автопатот Кичево – Охрид, пред Нова година имало 11 свлечишта врз изградени делови

Facebook
Twitter
Email
Print

Се уште не се знае кога би можело да биде завршен автопатот Кичево – Охрид кој го гради кинеската компанија „Синохирдо“, а кој требаше да биде готов до крајот на претходната година, ниту пак се знае колку дополнителни средства ќе бидат потребни за негова доизградба. Цената за овој автопат, која првично беше 375 милиони евра, веќе е порасната на скоро 600 милиони евра.

Премиерот Ковачевски, денес на прес конференција истакна дека за дополнителните средства ќе се разговара после анализите од експертите, а ќе одлучат повторно пратениците.

„И да се прави анекс, тој мора да биде одобрен во Собранието бидејќи ова е автопат кој се прави со закон и само на тој начин може да се смени. Дополнителни средства зависат од анализите од експертите и пратениците во Собранието. Очекувам сите договори да се почитуваат и тој автопат требаше досега три пати да биде готов“, рече премиерот.

Ковачевски денеска изјави дека трасата на автопатот била така лошо направена и проектирана да на готови делови на автопатот пред Нова година имало 11 свлечишта.

„Ќе ви кажам еден податок. Трасата е така направена да на готови делови на автопатот пред Нова година имаше 11 свлечишта, значи цели ридови беа паднати врз новоизграден автопат. Е сега треба да се прашат проектантите како можеле да проектираат свлечиште кое што веднаш паѓа врз автопатот. Од она што го гледав во проектите, јас не сум архитект, меѓутоа што ми покажуваа стручни лица за таа работа, проектот кога е направен една од косините е така направена да почнува на автопатот кај Кичево, после Кичево, а завршува во Албанија колку високо е направена. Значи, имате и такви парадокси на тој автопат. Знаете, во почетокот тој е направен набрзина на некаков проект правен на Гугл мапс и тоа беше стилот на работењето во тоа време – 2015, 2016 година, меѓутоа еве сега тој е веќе 80 проценти готов, но тие свлечишта ќе мора да се регулираат“, изјави Ковачевски.

Своевремено, овој автопат беше најавен како мега проект и најголема инфраструктурна инвестиција. Изградбата почна во февруари 2014 година, а автопатот е во вкупна должина од 57 километри. Во 2014 година беше посочено дека станува збор за највисоката инфраструктурна инвестиција во последните 50 години во Македонија, како и дека изградените автопати во државата во изминатите 50 години, чинеле помалку од инвестицијата во автопатот Кичево – Охрид. Средствата беа обезбедени со кредит од кинеската Ексим банка.

Реализацијата на овој проект е од стратешко значење за Македонија, бидејќи тој е дел од Коридорот 8, еден од глабвните европски коридори.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи