Се знае кои се јавните институции поврзани со критиките од ЕУ за наводни злоупотреби на европските пари, но, тие нема да бидат откриени додека не завршат предистражните постапки кои се во тек. По конечните одлуки, ќе им се намалат средства од редовните програми и ќе се бара лична одговорност од луѓето кои ги раководеле, истакна денес вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Како што рече денеска Битиќи, тоа што е увидено како евентуална злоупотреба не е ништо спектакуларно и е под пет отсто од средствата што се користат.
„Тоа што е увидено како евентуални злоупотреби е во рамки на просекот на тоа што се увидува во секоја земја-членка на ЕУ и во земјите потенцијални кандидати за членство во ЕУ, ништо спектакуларно морам да признаам. Тоа е дури под пет отсто од средствата што се користат. Тоа што беше најавено минатиот период е на ниво на информации и покренати постапки, се уште нема исход од ниту една од нив, дали ќе треба да се вратат средства. Во ЕУ постои механизам, т.н. офсетинг, според кој, ако се увиди дека има неискористеност или искористеност на средства на ниво на непланирани и непризнаени трошоци, тие или се намалуваат од други програми или се бараат од крајниот корисник. Во овој случај, тоа се јавни институции и веројатно, штом добиеме одлука за која било од нив, ќе им се намалат од редовните програми и ќе се бара лична одговорност од луѓето кои ги воделе институциите во тој временски период. Се знаат институтциите, но бидејќи има предистражни постапки, не би сакале да ги обзнаниме. Кога ќе има конечен исход, ќе бидат соопштени“, рече Битиќи по панелот „Економските придобивки од интеграцијата во ЕУ за компаниите и граѓаните во Македонија“, во рамки на кампањата на Владата на Република Македонија „Европска иднина, поблиску од кога било“.