Македонија останува заробена држава – јавното обвинителство и судовите најслаби карики во борба против корупцијата

„Транспаренси интернешнл – Македонија“ ги презентира резултатите од Националниот систем на интегритет на Македонија, извештај кој опфаќа анализа на 15 столба на интегритетот, кои ги вклучуваат Собранието, Владата, јавниот сектор, медиумите, Јавното обвинителство, судовите, службите за спроведување на законот, приватниот сектор, јавните претпријатија.

Како што објасни претседателката на „Транспаренси интернешнл – Македонија“, Слаѓана Тасева, Државниот завод за ревизија е повторно носечка институција, носечки столб, кој има најмногу интегритет, работи според правилата и законите, сѐ уште нема доволно ресурси и е една од институциите што понатаму може да ги поддржи другите столбови на интегритетот.

Вториот столб што има најдобар резултат е Државната комисија за спречување на корупцијата, која работи со недоволен капацитет од аспект на ресурси, но во другите делови имаат одличен резултат. Третиот е народниот правобранител.

„Очигледно е дека независните институции покажуваат поголем интегритет и подготовка да ја остваруваат својата улога во борбата против корупцијата“, рече Тасева.

На дното се Јавното обвинителство и институциите кои треба да го спроведуваат законот.

„За жал, оние што најмногу треба да покажат капацитет во борбата против корупцијата, Јавното обвинителство, кое е едно од најслабо оценетите и има најслабо оценет столб, кој има 38,9 поени, и службите за спроведување на законот, тука се и судовите, кои покажуваат многу слаби резултати и во однос на правилата за одговорност, отчетност и интегритет, но и од аспект во нивната улога во борбата против корупцијата“, додаде Тасева.

Но резултатите се скоро секаде исти, а некаде и полоши од тие во 2016 година, односно Македонија останува заробена држава, со заробени институции.

„Не се постапува ниту по извештаите на државниот завод за ревизија. По такви лоши извештаи треба да паѓаат оставки и функцинерите да не се таму каде што се, откако ќе добиете лош извештај. Не се постапува по извештаите на државна комисија за спречување корупција ниту во Владата. Колку прашања поставија за судир на интереси. Тука пред се, се ставаат нечии тесно партиски и лични интереси, над интересите на државата“, посочи Тасева.

Според Тасева ниту критиките од надвор повеќе немаат големо влијание и дека веќе не се реагира ниту на критиките на амбасадорите, ниту на лошиот извештај на Европската комисија.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи