ВИДЕО – Се уништува светски познатото наоѓалиште за минерали „Црн Камен“ кај Прилеп за тампон за автопатот Прилеп-Битола


Во моментов се уништува едно од најзначaјните наоѓалишта за минерали во Европа, наоѓалиштето „Црн Камен“ кај Прилеп, кое се протега помеѓу селата Алинци и Шелеверци. Токму нa ова место конзорциумот Бехтел и Енка ископува камен за тампон за новиот автопат Прилеп-Битола. Ова е вистинскa реткост во светски рамки, геолошки музеј под отворено небо. На потег од само 2 км.се откриени 20 видови на ретки минерали, меѓу кои и Македонитот кој е единствен во светот. По огромен притисок на јавноста државата заштити времено само 40.000 м2., односно онаму каде за време на Југославија се истражувало, а додека во останатиот дел се уште се уништува со тешка механизација. Според експертите за жал и таму има вакви ретки минерали.

Значи ова наоѓалиште е едно од ретките во Македонија, едно од најпознатите наоѓалишта и тие минерални парагенези се ретки во светски рамки. Институциите ни излегоа во пресрет и дел од овој локалитет е заштитен, односно оној дел каде имаме ние некои податоци дека има тука вредности. Сега има еден дел, бидејќи ова наоѓалиште е големо, на 2 километри, гледате се работи, тој дел таму не можеме да го заштитиме бидејќи немаме аргументи, на тој дел не се пронајдени минерали, а не било ни подложено на некои геолошки истраги досега. Имаме само претпоставки дека наоѓалиштето продолжува и таму и дека најверојатно истите минерали што ги има тука ги има и таму“, вели Васја Дамески, дипл. инж. геолог.

За да се заштити ова национално богатство неформална група граѓани формираше т.н. Комитет за заштита на природното и културно наследство, кои бараат итно стопирање на ископувањата. Велат дека не се против изградба на автопатот, но покрај толку рудници за камен во Прилеп, да се уништува ова место кое исто така е и археолошко наоѓалиште старо 5.000 години п.н.е. ера е апсурд.

Како е можно во една толкава околина, Прилеп можеби има материјал за тампон и слични појави еден град како Њујорк да го покрија и ние тука за патот за Битола, или тој коридор 10Д баш се нафрливме на овој локалитет кој е ретка појава и ќе го загубиме и за науката и за културата“, вели Тренчо Димитриоски, новинар, писател и истражувач.

Тука истражувале научници буквално од целиот свет, но за жал кај нас не се цени воопшто. Дел од него е уништено уште за време на Југославија. Фотографии направени за време на Првата Светска војна покажуваат дека тука имало огромна карпа, како со некои шкрилци, која донекаде потсетува на Кокино.

Сакаме да се промени законската регулатива за да можеме ние овие минерали да му ги покажеме на светот во една законска рамка, да биди тоа некој Музеј на минерали, односно да му дадеме на ова наоѓалиште место кое го заслужува, да го направиме атрактивно и отворено за целокупната светска геолошка јавност“, додаде геологот Дамески.

 

Да прекине тоа уништување, ги повикуваме сите надлежни институции, стручни, законски, да се заангажираат бидејќи овој локалитет заслужува комплетно да биде заштитен“, потенцираше Димитриоски од Комитетот за заштита на природното и културно наследство.

Од граѓанскиот Комитет за заштита на природното и културно наследство велат дека ќе продолжат со мирните протести се додека не се стопираат ископувањата на ова место, а не ја исклучуваат можноста и од преземање порадикални мерки.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи