Македонскиот дипломатски синдикат со осуда кон Османи – не е албанофобија, туку повик за професионализам

Facebook
Twitter
Email
Print

Македонскиот дипломатски синдикат најостро ги осудува квалификациите упатени од министерот за надворешни работи Бујар Османи за наводна албанофобија или албанохистерија по повикот на Синдикатот за зачувување на професионалните дипломатски стандарди во Министерството.

Од Синдикатот велат дека тие се и ќе продолжат да бидат последниот бедем и механизам за зачувување на угледот и професионалните стандарди во дипломатската служба.

„Ве повикуваме да не употребувате несоодветна политичка реторика кога се работи за прашања што ги засегаат професионалните дипломати и нивните кариери. Би сакале да Ви укажеме дека бројот на членови на МДС континуирано се зголемува, а воедно во него членуваат дипломати од сите етнички заедници. Ова се должи на нашите континуирани принципиелни заложби за унапредување на статусот и правата на професионалните дипломати“, велат од Дипломатскиот синдикат.

Потсетуваат дека откако Османи ја презел функцијата, упатени се повеќе од педесеттина амбасадори и конзули, како и повеќе од двестотини дипломати, на мандат, а Синдикатот реагира исклучиво кога станува збор за прекршување на Законот за надворешните работи или за крајно спорни решенија.

Од тука повторно го поставија прашањето дали со предлогот за упатување генерален конзул во Њујорк се крши Законот за надворешните работи.

Македонскиот дипломатски синдикат вчера обвини дека министерот Бујар Османи за конзул во Њујорк испраќа штотуку вработен во МНР, кој нема дипломатско звање.

„Еклатантен пример за непочитување на внатрешните регулативи е упатувањето на г. Мухаби Синани на местото генерален конзул во Њујорк, истото она место на кое министерот Османи не успеа да ја упати во тоа време ТВ-презентерката Бесмира Ејупи. Имено, г. Синани, кој од неодамна е вработен во МНР од приватна фирма, не исполнува услови за упатување во странство. Тој минатата недела веќе ги има одбрането тезите за упатување, без притоа да има стекнато високо дипломатско звање, кое е законски услов за именување генерален конзул“, велат од Дипломатскиот синдикат, притоа потсетувајќи го министерот дека министрите се листопадни, а дипломатијата е зимзелена.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи