Можеби први во Македонија уште во 5.30 часот утринава со влегувањето во осветените води на ладното Плетварско езеро група на ентузијасти и верници од Прилеп годинава по 4 пат на ваков некарактеристичен и уникатен начин го дочекаа и одбележа празникот Богојавление или Водици. Првите две години тие правеа крст во мразот на езерото дебел и до 15-тина цм. и потоа влегуваа во водата, а годинава и лани бидејќи времето потопло тие направија дрвен крст, како макета на крстот издлабен во мразот и откако свештеникот го изведе чинот за осветување на водата, секој од верниците еден по еден, влегуваа во водите на езерото.
„Идејата се одвива 4-та година пон ред, започна за време на пандемијата и забраните за движење. Група спортисти одлучивме да го одбележиме овој празник на еден постар и потрадиционален начин каде што го одбравме токму ова Плетварско езеро кое првите две години беше и комплетно замрзнато. Тука нема фрлање по крстот туку сите верници кои присуствуваат тука влегуваат еден по еден во осветените води“, истакна Дарко Неданоски, организатор на настанот.
„Огромна благодарност до Отец Благоја кој ни овозможи осветувањето на водите на ова езеро да се одвиваат толку рано. А со тоа да биде и уникатен настан, една голема манифестација за духовен Прилеп. Благодарност и до сите помагатели на настанот кои се тука и го потпомогнаа сето ова. Чувството е феноменално, водата не е толку ладна колку што сите замислуваат, се чувствуваш исполнет и полн со верба во Бога“, додаде Антонио Гически – Гинда дел од организацијата на настанот.
Три години наназад овој настан се одвиваше околу 11 часот претпладне, но годинава поради распоредот на свештениците чинот на осветувањето на водата мораше да се направи толку рано. Секој што влегува во езерото добива и маичка со лого Плетварско езеро и мал дрвен крст од страна на организаторите. Годинава кумови на настанот се Игор Димоски-Папе и Оливер Димески.
„Чест и задоволство ми е што денеска тука ќе се одржи голема манифестација, очекуваме многу народ, во Македонија ќе бидеме први кои што ќе го одбележиме празникот во овие утрински часови. Ние сме двајца кумови јас и Оливер Димески, а за в година има тројца кумови, Александар Најдоски, Бојан Минчески и Даниел Димоски, се надеваме дека денеска ќе има многу народ, има пријавено луѓе од цела Македонија“, рече Игор Димоски-Папе, кум на настанот.
„Во чест на оваа манифестација планираме да изградиме паралис во близина на ова езеро. Како организационен одбор ќе се потрудиме параклисот да биде изграден во најбрз можен рок за в година да биди осветен и да прерасне оваа манифестација во регионален настан“, истакна Оливер Димески, кум на настанот.
Настанот со големо присуство на верници кои сакааат да влезат во езерото ќе продолжи во 11 часот за кога се пријавени околу 100 мина од кои 10-тина се припаднички на понежниот пол, а има и помали деца. Дел пак се пријавени да дојдат и од соседните градови на присуствуваат на ова необично и единствено од ваков вид одбележување на Богојавление во Македонија.