Новоформираните тутунски здруженија: Тврдењата на Институтот за тутун дека производствената цена на тутунот е 180 ден. се паушални, политички и манипулативни


Почитувани тутунопроизводители, почитувана јавност: Како тутунски здруженија изненадени сме и шокирани од неодамнешната изјава на директорката на Институтот за Тутун-Прилеп во која таа тврди дека според оваа институција производната цена за килограм тутун во оваа реколта е 180 денари, а сегашната откупна цена и субвенциите биле повеќе од исплатливи за тутунопроизводителите, велат во соопштението од новоформираните тутунски здруженија.

„Крајно сме разочарани од овој обид за манипулирање со тутунарите кој никогаш до сега не се памти од првите луѓе на оваа високо ценета и во светски рамки призната институција и затоа сме приморани да поставуваме јавно прашање до директорката на Институтот за тутун-Прилеп: Почитувана, врз основа на кои параметри и анализи и со која методологија е добиена оваа цена и кои се авторите кои се потпишани на истата?

Во интерес на вистината ги повикуваме Земјоделскиот факултет од Скопје и катедрата за тутун да изготват детална, темелна и стручна анализа врз база на реалните параметри со што ќе се стави крај на овие шпекулации и дворски игри бидејќи одговорно тврдиме дека производната цена во оваа реколта се движи не помалку од 270 денари за произведен килограм по методологија прифатена по меѓународни норми, правила и стандарди и истата можеме да ја докажеме и браниме пред сите институции.

Ваквата паушално дадена производна цена без аналитичка поткрепа не само што не служи никому туку го доведува во прашање и кредибилитетот на Институтот за тутун-Прилеп ја девалвира оваа реномирана институција.

Со сите овие изнесени факти освен за политичка намена на никој друг начин не можеме да ја прифатиме ваквата изјава и сметаме дека таа не соодејствува на реалната ситуација“, додаваат од тутунските здруженија.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи