Агенција за млади и спорт најави изградба на затворен базен во Прилеп

Агенцијата за млади и спорт упати барање до Општина Прилеп за избор на локација за изградба на затворен училишен пливачки базен.

Имено, во дописот пишува дека изработен е Основен проект за изградба на типски затворен пливачки базен со можност за изградба на различни локации на рамен терен.

„Изградбата на базенот треба да овозможи услови за одржување на настава по пливање, обука на непливачи, тренинг, рекреација и натпревар преку целата година за учениците, спортистите, младите луѓе и граѓаните од општината и пошироко. Објектот е наменет за спортови на вода, првенствено за обука на непливачи, односно обука на ученици од помала возраст, но истовремено овозможува и тренинг на деца и спортисти со понапредни способности во пливањето. Објектот исто така овозможува минимум услови за рекреација на локалното население од сите старосни групи во термини посебно определени за таа намена“, пишува во барањето.

Како што се наведува, објектот треба да се постави во склоп на постоечки спортски комплекс, училишен двор или други објекти согласно локациските услови.

„Просторот наменет за овој објект треба да е на слободна локација без градби со планирана рамна конфигурација на теренот, кон кој секојдневно гравитира голем дел од населението од општината. Важен елемент за избор на локацијата е и добриот сообраќаен пристап до објектот и поврзаноста со околните објекти. Сообраќајното решение треба да овозможува лесна комуникација и пристап на интервентни возила. При проектирањето се користени сите стандарди и нормативи за проектирање на ваков вид на објекти. Централната просторија на објектот располага со базенско корито димензионирано за обука на непливачи и тренинг и рекреација на пливачи со димензии од 25 м должина и ширина од минимум 8,80м. Минималната длабочина на базенот е 0,8 м, а максималната 1,4 м. Висината на објектот е оптимално димензионирана со цел да се овозможи најекономично користење“, се наведува во дописот од Агенцијата за млади и спорт.

При проектирањето треба да бидат применети сите препораки, стандарди и нормативи на Светската пливачка федерација.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи