Случај „Ласкарци“: Највисока казна од 14 години за возачот на автобусот, најмала од 4 години за газдата на „Дурмо турс“

Шестмината обвинети во случајот за автобуската несреќа кај Ласкарци, кога автобус на компанијата „Дурмо турс“ се преврти и во која загинаа 16 патници се прогласени за виновни.

На три недели од навршувањето на петгодишнината од трагичната несреќа и безмалку исто толку долгиот период во кој се водеше судскиот процес, Судот денеска ја изрече пресудата против шестемина обвинети.

За сторени Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот кои резултираа со тешката сообраќајна несреќа кај селото Ласкарци обвинетите беа осудени на вкупно 39 години затвор. Највисока казна доби возачот Маноил Трифуновски – 14 години затвор, додека првообвинетиот и сопственик на компанијата „Дурмо турс“, Дурмиш Белули најниска од само 4 години затвор. Одговорниот за транспорт во компанија, Ремзи Мифтари доби казна затвор од 6 години.Тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боваровски, кои на само неколку месеци пред несреќата без забелешки потпишале записник дека автобусот е исправен, а вештачењето подоцна покажа дека немал ефикасен систем за сопирање, добија по пет години затворски казни. Покрај затворските казни, судот на обвинетите им изрече и забрана за вршење на професијата од 5 години за секого.

Образложувајќи ја пресудата, судијката Диана Груевска Илиевска рече дека обвинетите биле свесни за сите неисправности на автобусот и опасностите кои би можеле да произлезат од тоа, но сепак не пријавиле. Ја објасни детално трагедијата додавајќи дека Трифуновски возел со брзина поголема од дозволената без исправен систем за сопирање.

Автобуската несреќа се случи на 13 февруари 2019 година и во неа загинаа 16 патници, а 37 беа повредени.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи