Транспаренси: Во Македонија се уште има недоволна демократија за реална борба против корупцијата

Според најновиот извештај за перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнл Македонија со 42 индексни поени е позиционирана на 76-то место од 180 држави, што е подобрување од минатата година, кога беше на 85-то место со 40 индексни поени.

Измените во Кривичниот законик се наведуваат како главна забелешка за слабиот напредок на земјата во борбата против корупцијата. Покрај ова причина за загриженост, се и „политички мотивираните назначувања и разрешувања на судии“.

Институциите на системот како што велат од Транспаренси, и натаму остануваат глуви на критиките и препораките за борба против корупцијата, што според нив, се согледува и од тоа што во Македонија постојано на површина излегуваат нови коруптивни скандали.

„Секој резултат од 50 поени согласно мерилата на индексот на перцепција на корупција во која група припаѓа и Македонија укажува на сериозни корупциски проблем во јавниот сектор. Во Македонија корупцијата е се уште на многу високо ниво и нема реално подобрување на работата кај голем дел од институциите кои треба да бидат на чело на борбата против корупцијата. Судството и јавното обвинтиелство кои треба да бидат водечки ентитети во борбата против судството, имаат ниска доверба“, вели Благоја Пандовски – Претседател на ТИ Македонија.

Според Транспаренси, во Македонија се уште има недоволна демократија, транспарентност во работата на јавните институции и владеењето на правото кои мораат да бидат подобрени за земјава да има реални резултати во борбата против корупцијата. Последните случаи со М-НАВ, како и измените на кривичниот законик велат дека ја поткопале и онака кревката доверба во судството и јавните институции, а за земјава оставиле лоша слика и пред меѓународната јавност.

„Последиците од измените на кривичниот законик за кои се намалува санкционирањето и предвидената затворска казна за злоупотреба на кривичното дело злоупотреба на службената положба се неповолни во делот на санкционирањето и борбата против корупцијата. Секако тука заслужува да се споменат и скандалите со партиските вработувања пред избори, случајот со упадот во М-НАВ, кои предизвикаа бројни негативни коментари како од домашната стручна јавност, така и од меѓународните чинители во државата“, додава Пандовски.

И покрај малиот напредок, Македонија и понатаму е во друштво на Унгарија, Молдавија,Тринидад и Тобаго и Буркина Фасо. Од регионот, подобро рангирани од Македонија се Словенија, Хрватска, Грција, Црна Гора и Бугарија, додека Косово, Албанија, Србија и БиХ се со послаби резултати во борбата против корупцијата.

Данска (90) е на врвот на индексот шеста година по ред, а по неа следуваат Финска и Нов Зеланд. На дното на листата се Сомалија, Венецуела, Сирија, Јужен Судан и Јемен.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи