Закон за изменување и дополнување на законот за патните исправи и законот за безбедност во сообраќајот се подготвени од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и истите ќе бидат итно доставени до Влада, како единствено решение на моменталната криза во која се доведени граѓаните на Република Македонија кои заклучно со 13.02.2024 година ќе останат заробени во државата, вели министерот Тошковски во вчерашното гостување во вестите на канал 5 телевизија.
„Има решение на проблемот и тоа е многу едноставно. Ако има политичка волја за еден ден ќе ги решат маките на луѓето. Имаме Предлог на закон за изменување на Законот за патни исправи на државјаните, еве го спремен е готов е и еве го другиот. Овој дури сум го потпишал. Предлог на закон за изменување на закон безбедност на сообраќајот на патиштата. За еден ден решение има, само треба да сакаат да имаат политичка волја. И немојте да ја залажуваат јавноста дека ќе сме прекршеле договор. По нивната логика, докторска а не правничка, договорот е веќе прекршен. Но ние не го прекршуваме договорот во предлог измените. Овде велиме „во рамки на технички функционални и возможни, објективни услови кои што ги имаме да го усогласиме истиот согласно возможното и реалното“, вели министерот Панче Тошковски.
Она што Тошковски го предлага и за што бара политичка волја од сите политички субјекти во Владата, вели дека е согласно сите меѓународни акти коишто гарантираат основни човекови права, а веќе се донесени неколку одлуки од Стразбур за кршење на основните човекови права од страна на државата. За што ќе мора да исплаќа и оштетно побарување.
„Со тоа што ние ќе забраниме излез на македонските граѓани и ќе ги претвориме на територија од 26.000 километри квадратни кршиме Европска конвенција за човекови права, меѓународен пакт, кршиме Универзална декларација за човекови права, го кршиме нашиот Устав, кршиме веќе донесени пресуди од Стразбур. Имаме еден случај против Македонија каде што согласно протокол број 4, член 2 е нарушено правото на слобода на напуштање на државата, слобода на движење. Веќе има такви правосилни пресуди. Го кршиме основното човеково право. Оваа држава ќе треба да плати огромни суми на пари на секој еден граѓанин на кој ќе му оневозможи да ја напушти државата а има валидна лична карта со датум на важење“, дополнува Тошковски.
Како што информираше тој, во моментов државата има само 5000 македонски и 10.000 албански обрасци за печатење пасоши, а причина за тоа е несериозниот и непрофесионален пристап на претходното раководство.
„Алармантна е состојбата, а решение има. Ако нема политичка волја само ќе влеземе во бездната на лудилото. Граѓаните на Република Македонија се доведени на дереџе да останат заробени во својата држава што се крши со сите човекови и меѓународни права и акти поради сервилноста, понизноста и нелојалноста кон својата држава од страна на високо раководни функционери на оваа влада. До толку биле несериозни и непрофесионални што обрасци немаме, пасоши немаме за принтање. 5000 македонски и 10.000 албански имаме сега и тие се за некои итни ситуации, како на луѓе со здравствени проблеми ќе мора им се излезе во сусрет“, дополнува Тошковски.
Заклучно со Законот за патни исправи којшто е важечки, од 13.02.2024 година или од понеделник спрема вторник 00 часот, патните исправи коишто се со старото име нема да важат. Согласно законот за безбедност во сообраќајот, од 13.02.2024 година возачките дозволи коишто се со старото име повеќе нема да важат, ниту за внатрешна, ниту за надворешна употреба. Македонските граѓани пак коишто имаат двојно државјанство, истите ќе можат да патуваат и да прават влез и излез од Република Македонија.
„Граѓаните коишто имаат лична карта со старото име нема да бидат спречени од страна на полициските службеници и ќе им биде дозволено да излезат од границите на Република Македонија спрема оние држави со кои имаме билатерален договор, вели министерот Тошковски.