ВИДЕО – АРМ го расчистува теренот од стари гранати во прилепско по трасата на новиот автопат Прилеп-Битола


Од 24-ти минатиот месец припадници на АРМ го расчистуваат теренот од експлозивни средства и гранати во атарот на прилепското село Алинци кај месноста Џаферица, каде треба да поминува трасата на новиот автопат Прилеп-Битола откако тука за само еден месец беа пронајдени 20-тина гранати од Првата светска војна. Од непознати причини засега на нашата екипа не и беше дозволено да ги снима припадниците на Армијата додека го истражуваат теренот. Одлуката инженериската единица на АРМ заедно со потребен персонал од стручните тимови да излезат на терен била донесена на седница на Влада на 16 јануари.

Дека врие од гранати по трасата на новиот автопат Инфо Компас објави уште на почетокот од месецов кога на терен излеговме со пиротехничарот Ѓорѓи Стефанов, од Дирекцијата за заштита и спасување.

 „Во текот на досегашниот период со техничките средства со кои располага единицата за пронаоѓање на неексплодирани минско експлозивни средства е пребаран терен во должина од неколку километри при што  се пронајдени 7 (седум) неексплодирани минско експлозивни средства од постар датум, веројатно од периодот на Првата светска војна кои согласно процедурите се одстранети за понатамошна постапка на уништување“, велат АРМ во соопштението.

 Од ЈПДП исто преку соопштение истакнаа дека бидејќи на територија на Македонија нема податоци и сознанија за можни локации на кои би можело да има неексплодирани експлозивни материи била изготвена стратегија за истражување на комплетната површина на која треба да се изведуваат градежни работи за изградбата на коридор 8 и коридор 10Д во соработка со сите релевантни институции.

Инаку мештаните и познавачите на овој простор велат дека тука се уште има цели магацини преполни со гранати закопани под земја. Од Прилеп до тука доаѓала и пруга, теснолинејка, со која се носеле огромните количества на оружје. Опасноста е толку поголема што можеби дел од овие гранати се и со хемиско полнење.

Според книгата насловена „Македонија“ на Франц Дофлеин германски биолог и истражувач тука на ова место кај селото Алинци се наоѓала раскрсницата на таа пруга која се викаа Мајхснер. Од тука се делеле 3 крака на теснолинејката кои постојано носеле оружје и муниција. Според податоците запишани таму тука за потребите на фронтот кој бил на границата со Грција секогаш морало да има резерви од 200 тони на муниција. Односно секогаш да има резерви за потребите на фронтот за 4 дена, односно 50 тони муниција дневно.

Токму затоа познавачите сметаат дека овој дел се уште под земја крие голем број магацини со овие гранати и треба целосно да се испита теренот пред да се извршуваат било какви градежни активности. Дали сето ова ќе влијае врз изградбата на новиот автопат Прилеп-Битола засега останува непознато.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи