ВИДЕО – Чувањето на мајчиниот јазик е наша должност, долг кон нашите предци, но и долг кон генерациите кои следат


Во организација на ООУ „Добре Јованоски“ од Прилеп,  Гимназијата „Мирче Ацев“ и СОУ „Ѓорче Петров“ доцна попладнево во Градската библиотека беше организиран настан чија цел беше Одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик – 21 февруари, но и укажување на тоа колку треба истиот да го сакаме и чуваме. И токму како што кажал и великанот Блаже Конески дека јазикот е нашата Татковина и се додека го негуваме и чуваме ќе ја имаме и Татковината.

„Ние како народ сме должни и одговорни за зачувувањето на јазикот и ние треба да си ја дадеме душата и се од себе за да си го заштитиме јазикот. Да го заштитиме од небиднината која и се заканува на земјава, од небиднината која и се заканува на нацијата, од небиднината која му се заканува на македонскиот јазик“, истакна Жанета Видеска, директорка на СОУ Ѓорче Петров“ – Прилеп.

 

„Сметам дека треба да се вложуваме и не само денес на 21 февруари кога чествуваме меѓународниот ден на мајчиниот јазик и не само на 5 мај кога го празнуваме Денот на македонскиот јазик туку низ целата година. Тоа е наша должност, наш долг кон нашите предци, но и долг кон генерациите кои следат“, додаде Андријана Челебитова, професор по македонски јазик во СОУ „Ристе Ристески Ричко“.

Беше потенцирана и важноста од чувањето на јазикот, особено од странските зборови кои наголемо се употребуваат, а за сите нив ние имаме наши замени кои за жал не се користат.

„Младите родители се радуваат „детево мое се знае на англиски да каже“. Прво да ги научиме нашиот јазик, нема ништо против англискиот бидејќи и тој е нечиј мајчин јазик. Да го негуваме и научиме прво нашиот јазик, а потоа да ги учиме и другите јазици. Во однос на медиумите и употребата на македонскиот јазик треба да се внимава во однос и на ортографијата и на ортоепијата“, изјави Андријана Челебитова, професор по македонски јазик во СОУ „Ристе Ристески Ричко“.

Љубовта кон јазикот се раѓа во домот, а се негува во училиштата. Според професорите по македонски јазик секојдневно на учениците им се укажува за тоа дека тој е нашето најголемо духовно богатство и идентитет по кој се разликуваме од другите народи.

„Не треба во секој случај да ги позајмуваме англиските зборови, некогаш и србизмите, затоа што за секој туѓ збор ние имаме барем по неколку наши, со исто слично или различно значење или со одредени нијанси во значењето. Без разлика дали нашите зборови се необични, чудни, некогаш дури и груби, тие наши, изворни, македонски“, рече Жанета Видеска, директорка на СОУ Ѓорче Петров“ – Прилеп.

21 февруари е прогласен за ден на мајчиниот јазик во 1999 година од страна на УНЕСКО.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи