Истражувачката репортерска агенција ( ИРЛ) открива потенцијален скандал со тендерите во ЕСМ каде е замешана службеничка вработена во Пошта. Во нивното истражување велат дека Маја Јорданова од Велес која од пред три години е вработена во АД Пошта врти милионски бизнис со државната ЕСМ. Таа како сопственичка на компанијата „Браинкоде“ ќе увезува адитив од Италија кој за прв пат ќе се користи во двата енергетски капацитети како замена за мазутот. Фирмата „Браинкоде“ нема ниту еден вработен, претходно тргувала со канцелариски материјали, а откако почнува да работи со хемиски производи лани склучила три договори со ЕСМ вредни речиси седум милиони евра како единствен понудавач.
ИРЛ открива дека седиштето на „Браинкоде“ се наоѓа во семејна куќа во скопската населба Ѓорче Петров каде на истото место се регистирани повеќе фирми, чии сопственици или управители се луѓе од Велес.
Од ИРЛ согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ги имаат добиено сите тендерски документи за адитивот и она што успеале да го забележат новинарите на ИРЛ е дека ЕСМ не ги поставува вообичаените услови за учество на фирмите што ги користи во тендерските постапки каде вредноста на набавката е од неколку милиони евра. А, тоа е понудувачите да докажат дека во претходните години имале минимален годишен приход што не е помал од предвидената вредност на тендерот.
Според документите од Централнит регистар, во првите години од работењето компанијата има скромни приходи. Бизнисот почнува да расте во 2022 година кога приходите на годишно ниво се зголемиле осумкратно, на 343 илјади евра и добивка од приближно 100 илјади евра – сето ова без ниту еден вработен.
Иако првичниот план за јавни набавки не предвидува купување на ваков адитив и за РЕК Осломеј, државната компанија со новото раководство, сепак, во јули прави измени на планот и вметнува нова јавна набавка. Условите во тендерската спецификација се исти како и за тендерот за РЕК Битола. Вредноста на вториот тендер е 2,2 милиони евра.
Во поголемите тендери АД Електрани вообичаено бара од понудувачите да докажат и дека се носители на одредени стандарди за квалитет или за управување со животна средина. Но, тоа во овој тендер не е предвидено.
Истражувањето на ИРЛ покажува дека кога се отвораат понудите во двата рударско – енергетски комбинати, доставена е само една понуда. Од фирмата „Браинкоде“ на Маја Јорданова, која без конкуренција станува добавувач на адитив за АД ЕСМ и склучува два договори во вредност од 6,5 милиони евра.
Од таму откриваат дека конекциите на Маја Јорданова со електроенергетскиот сектор не се само преку нејзината приватна компанија, туку таа и фамилијарно е поврзана со луѓе кои биле на високи позиции токму во државната компанија за која таа снабдува адитив. Нејзин братучед е Данчо Стојановски од Велес, кој бил комерцијален директор и член на Управен Одбор на АД ЕСМ од мај 2021 до јуни 2022 година. Данчо Стојановски претходно бил два мандата советник во општина Велес од СДСМ, а четири години од 2017 до 2021 година бил директор за Информатичка технологија во Пошта, токму во периодот кога таму се вработува неговата братучетка, Маја Јорданова.