Професорката Силјановска-Давкова кандидат за претседател од ВМРО ДПМНЕ: Време е за женска димензија во политиката

Пратеничката и професорка Гордана Сиљановска-Давкова поднесе кандидатура во ВМРО-ДПМНЕ за претседателка на државата за претстојните избори.

„Се кандидирам за претседателка на Македонија. Оваа моја кандидатура треба да се официјализира на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ. Моите колеги пратеници ме убедуваа да се кандидирам и за кусо време без да знам собрале потписи. Јас ќе собирам и 10.000 граѓански потписи“, рече Сиљановска-Давкова.

Една од причините за нејзино кандидирање, како што напомена, е резултатот од минатите избори.

„Ветувам, доколку станам претседателка, моите кандидати ќе бидат најдобрите во Уставниот суд, најдобрите во Судскиот совет, дека амбасадорите ќе се регрутираат врз основа на компетентност и стручност, а не врз партиска блискост. Не треба да се зачудите ако ме видите на протест со маргинализирани групи во првиот ред. Не треба да се зачудите ако во Парламентот, доколку има потреба од вето, да кажам „дајте да се усогласиме овде, да дојдеме до решение, да креираме јавна политика“. Јавна политика мора да произведе јавна вредност. Не да промовира лични и олигархиски интереси, туку республика – јавна вредност“, изјави денеска пред Собранието Силјановска-Давкова.

Според Силјановска-Давкова, време е за женска димензија во политиката, време е за консензус без оглед на партиска, етничка, верска и друга припадност. Потенцираше дека во статусот претседател/претседателка се нужни големи длабоки реформи.

„Мислам дека треба во овој регион и особено во Македонија навистина да дојде времето на жените. Одговорно тврдам дека ќе ги почитувам различностите, но ќе се опкружам со жени во сите прилики на сите места, затоа што видовме дека кога на клучни функции има жени, а тие помалку учествувале секаде и се помалку одговорни се за ова што му се случува на светот, тогаш се можни промени. Најмаргинализираните групи ќе бидат пред мене и последната реченица – без владеење на правото, без радикални промени во системот на вреднување ние нема да исчекориме напред“, посочи Силјановска-Давкова.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи