Билјана Ванковска претседателски кандидат од Левица: Ќе ги извадиме ракавиците, помина времето на политичката коректност

Претседателот на политичката партија Левица, Димитар Апасиев и проф. Билјана Ванковска официјално ја поднесоа Иницијативата за собирање потписи за кандидатура за Претседателските избори 2024 година до ДИК.

„Поддршката за кандидатурата на проф. Ванковска е одговор на новите историски текови за Македонија, кои се наметнуваат како излез од безалтернативноста во кои е заглавена Републиката од страна на партиите на естаблишментот. Преку Левица, не само што народот ја изразува својата волја, туку и вистински учествува во демократскиот процес преку реална народна партиципативност. Ги повикуваме сите мотивирани, свесни и неуценети граѓани да ни се придружат во борбата!“, се наведува во соопштението од политичката партија Левица.

Според претседателот на партијата, Левица го има најдобриот кандидат за претседател на државата.

„По сите наши внатрепартиски анкети каде имаше повеќе имиња во игра најдобриот скор го имаше професорката Ванковска. По нашата понуда, таа ја прифати, за среќа. Мислиме дека конечно е дојдено времето народот да може да избере солиден, и мислиме дека го имаме најдобриот кандидат за овие избори. Затоа и први го обзнануваме и практично фрламе ракавица на меинстрим буржоаските партии да дадат кандидати кои ќе се натпреваруваат со нашиот кандидат“, рече претходно претседателот на Левица, Димитар Апасиев.

Ова ќе биде втор обид на Ванковска да влезе во претседателската трка. Првиот беше пред 10 години кога најави независна кандидатура, но не успеа да го собере потребниот број на потписи. Истакна дека како кандидат сега има многу поголема самодоверба и зад неа стои тим, а Левица е политичка партија за почит и она што ги доближува се две нишки – патриотизмот испреплетен со левичарската идеологија.

„Јас немам идеја што содржи таа работна верзија на партијата со која ќе настапи на парламентарните избори, јас работам на мојата. Тие не се мешаат, не ми прават никаков увид ни цензура во тоа што го работам, ниту јас барам нешто посебно од таа страна. Меѓутоа некако си веруваме дека таа хармонија во нашите написи ќе постои и вредносно и во стилот на борбата. Ќе ги извадиме ракавиците, помина времето на политичката коректност. Тоа е вториот фактор што ме натера да ја прифатам оваа покана“, рече Ванковска.

За да може како кандидатка да се најде на гласачкото ливче, Ванковска и Левица треба да соберат 10 000 потписи од граѓани. Рокот за собирање потписи започнува во петок (23-ти февруари) и завршува на 8-ми март (петок).

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи