Од денеска престанува да важи мерката замрзнати цени донесена од Владата, која се однесуваше на дел од основните прехрамбени производи и безалкохолните пијалоци. Одлуката на Владата беше со важност до 29 февруари и со неа гарантирани цени имаше за ориз, брашно, леб и други пекарски производи, бисквити, наполитанки, тестенини, месо и производи од месо, млеко, јајца, сирење, кашкавал и други млечни проиводи.
Нејзино продолжување нема да има, но затоа се очекува проблемот со енормно поскапување да се реши со Законот за нефер трговски практики кој пак се уште е заглавен во Собрание. Откако ќе се донесе законот, трговците ќе имаат рок од 6 месеци да склучат нови договори со производителите и дистрибутерите, така што намалување на цените од 20 до 30 отсто ќе може да се почуствува дури од септември.
Од Владата претходно рекоа дека не очекуваат нагло да пораснат цените на производите зад кои застана преку ознаката гарантирана цена бидејќи како што рекоа сметаат дека трговците веќе ја научиле лекцијата од претходното искуство, но доколку сепак повторно стават нереално високи и непазарни цени ќе бидат санкционирани со високи парични казни.
Со таа цел, пазарниот инспекторат од денес е на терен и со засилени контроли ќе бара дали цените на производите ќе ја следат пазарната логика или трговците ќе стават нови со нереално високи бројки.
Пресметките на Сојузот на синдикатите на Македонија покажуваат дека вредноста на синдикалната минимална кошница во февруари изнесува 57.476 денари, од кои 21.219 денари се потребни за храна, а потоа следуваат режиските трошоци – плаќање вода, електрична енергија и греење. Минималните трошоци на едно семејство во февруари годинава се зголемени за 313 денари во однос на јануари.