Претседателот Стево Пендаровски денеска на прес-конференција ја објави својата кандидатура за втор мандат. Рече дека ја најавува својата граѓанска кандидатура за претседател на државата и ги повика сите граѓани од 3 март, недела, да му дадат поддршка со давање потписи во подрачните единици на Државната изборна комисија.
„Изминативе денови добив јавна поддршка за номинација за втор мандат од граѓани, дел од нив јавни личности, универзитетски професори, културни работници, луѓе кои ме познаваат, но, и не мал број на оние кои лично не ме познаваат, на сите нив, сакам да им се заблагодарам за довербата која ја имаат кон мене и за поддршката. Како што најавив поодамна, станува збор за граѓанска кандидатура и поради тоа ги повикувам сите граѓани, понувајќи од трети март, недела, да дадат подршка за мојата кандидатура со давање на потписи во подрачните единици на ДИК“, рече денеска на прес конференција претседателот Стево Пендаровски.
На 3 март, в недела, очекува и Социјалдемократскиот сојуз да ја формализира својата поддршка за неговата кандидатура, а веднаш потоа од понеделник тоа да го направат и другите десетина политички партии од таа коалиција.
Тој ги наведе и причините за неговата кандидатура.
Првата и главна причина е во тоа што зад себе имам мандат без ниту една стратешка грешка. Без ниту една корупциска афера и ниту еден случај на непотизам или судир на интереси, поврзани со мене, со моето семејство, со моите роднини, пријатели, или најблиските соработници. Бев национален координатор и ги предводев преговорите за членство на Македонија во НАТО и во мојот прв мандат станавме членки на Алијансата. Очекувам во моја втор мандат да станеме членки на Европската Унија.
Друга причинa се моите политики во сферата на меѓуетничките односи, кои се, биле и ќе бидат столб на внатрешната стабилност и кохезија на македонското општество. Јас сум Македонец, меѓутоa, не постои ниту еден единствен случај во изминативе пет години кога моето етничко потекло било причина некого да фаворизирам, или да деградирам. Структурата на моите соработници во Кабинетот, но и сите именувања кои ги направив во рамките на моите уставни и законски надлежности се потврда за ова што го зборувам.
Третата причина е поврзана со втората. Во изминативе пет години покажав дека претседателот може да биде независен од било кои центри на политичка, или економска моќ во државата, вклучително и во однос на оние кои го поддржале на избори. Во нашава држава не постои човек или партија, кој може да каже дека ме контролира, или ги диригира моите одлуки“, рече Пендаровски.
Во однос на меѓуетничките односи и евроатлантските интеграции, Пендаровски ги повтори своите ставови дека Рамковниот договор, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија биле придобивка за граѓаните и за државата.