Познатиот прилепски бренд маската „Прилепски Мечкари“ се закити со награда за „Најмаска“ на меѓународниот карневал во Исерниа, Италија. „Прилепските Мечкари“ за прв пат учествуваат на овој карневал кој исклучиво ги негува традиционалните маски, изработени чисто од природни материјали. Мечкарите имаа два настапи таму еден на дефилето, а друг во сала. Претходно пак „Мечкарите“ учествуваа на карневалот во Перник, Бугарија, кој е еден од погоемите на Балканот, каде учествуваат во дефилето и по 20.000 учесници „Прилепските Мечкари“ се уште под импресии од овој успех ни пренесоа дел од амосферата.
„За прв пат учествуваме како група на еден ваков карневал во градот Исерниа во Италија. Бевме поканети како традиционална маска од Македонија и бевме многу добро пречекани. Карневалот беше 3 дена. Во петокот имаше отворање со презентација и настап на учесниците. Во саботата имавме поворка низ центарот на градот и на крајот имавме и дефиле на бина. Во неделата имавме настап на сцена во сала, каде исто така имаше презентација на помал дел од учесниците со помала група. Настапот беше одлично прифатен, бевме одлично прифатени и од публиката и од домаќините. За настапот добивме за награда за Најмаска од жирото и и од публиката. На излезот од салата после нашата презентација ни аплаудираше цела сала“, рече Тони Павлоски, Прилепски Мечкари.
„Во изминатиов период бевме на 2 карневали, едниот во Перник, Бугарија, другиот во Исерница во Италија. Бевме многу убаво пречекани. На карневалите во Исерниа имаше традиционални маски, а во Бугарија имаше над 20.000 учесници“, рече Христијан Петрески, Прилепски Мечкари.
Инаку според некои записи групата „Прилепски Мечкари“ е стара околу 120 години. Неа ја сочинуваат членови на касапскиот еснаф во градот, кои за овој ден се преправале во кожите од животните кои ги колеле преку целата година и преку разни ритуали и обреди кои ги прават ги бркале лошите духови. „Мечкарите“ се и иницијалната каписла со маскирање или по прилепски преправање да започнат и другите жители на градот што од пред 22 години резултираше со оформување на Карневалот „Прочка“.
„Маската е основана од прилепскиот еснаф касапи, која ние се трудиме и понатаму да ја одржиме. Меѓутоа некако оди тешко тоа, еснафот се намалува, кланицата не работи, остануваат само дуќаните и поради тие причини сме принудени да примиме членови надвор од еснафот. Инаку кожите ги набавуваме преку цела година, обично за Велигден кога се коли повеќе стока, јагнешки и овчи. Ги земаме, ги солиме, ги штавуваме, мора да се одржуваат инаку ако не ги одрживаш се расипуваат. И кога ќе заврши карневалот ги земаме ги периме, ги чистиме им ставаме лаванда за да не ги јадат молци. А и дефицитарна е кожата веќе, нема стока низ државата и се потешко доаѓаме до стока. Основата на суратот е чојата, потоа на неа се редат мониста, заби од дива свиња, рогови од овен, рогови од говеда, опашки ид крупна стока и секоја година се нешто се додава. Суратот никогаш не е заврпен постојано нешто се додава. Целта е да изгледа колку што можи пострашно, затоа што со неа се бркаат лошите духови. Кога ќе излеземе на дефилето се игра една игра која се вика убивање на злото и раѓање на новиот живот. Затоа кога ќе падне онаа мечка која ја удираме ние со стаповите го тепаме злото и потоа се раѓа новиот живот. Со тоа ние си ги откупуваме гревовите што ги правиме преку целата година што ги правиме со одземањето на животите на стоката“, додаде Тони Павлоски, Прилепски Мечкари.
Оваа група брои околу 40 до 50 членови, но најважно од се е дека таа има голем број млади членови кои сакаат да ја продолжат традицијата. Велат чувството под маската која некогаш тежи и до 35 килограми не може да се опише со зборови, едноставно човек треба да пропа да се преправи во Мечкар. Подготовките за Карневалот ќе започнат уште во саботата на 16 март, кога Мечкарите одат и го канат касапскиот еснаф, потоа во неделата на 17 е дефилети, а во понеделникот на 18 март, на чист понеделник како и секоја година традицонално за сите граѓани касапите прават посен грав како ручек на манастирот Свети Ѓорѓија.
„Тешко е да се носат сите овие делови на маската кои тежат и до 30-тина килограми, но се навикнуваш и потоа ти станува лесно. За време на карневалот шетаме буквално низ цел град, потоа на дефилето, значи цел ден сме маскирани со овие маски“, истакна Леонид Боцески, Прилепски Мечкари.
„Јас сум нов член во групата еве веќче 2 години. Мојот татко беше дел од неа, тој почина и сега јас го наследив тоа. Ми беше многу ќеиф да ја започнам оваа традиција. Се дружиме и ја чуваме традицијата“, рече Василе Митрикески, Прилепски Мечкари.
Оваа маска која од страна на Министерството за култура е прогласена за нематеријално културно богатство на Македонија. Иако во минатото имаше обиди таа да стане дел и од листата на заштита на УНЕСКО како светско културно наследство, засега овој процес тапка во место, потребна е поголема иницијатива и од државата и од општината.