Околу 2.000 вработени во ЈП „Македонски Шуми“ во 30 подружници низ државава од денеска стапија во генерален штрајк поради неисплатени плати и други додатоци. Обвинија дека иако досега им било ветувано дека ќе си ги добијат заработените пари, раководството на претпријатието тоа не го исполнило. Штрајкот е организиран преку Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање, каде членуваат вработените во Шуми. Во штрајк денеска стапија и 52 вработени во подружницата „Црн Бор“ на „Македонски шуми“ во Прилеп.
„Штрајкот е организиран по основ на неисплатена јануарска плата, еве февруарската веќе е на прагот, а исто така имаме неисплатени теренски додаток за една година и штрајкот ќе трае се додека не се исполнат нашите барања. Иако беше на некој начин разговарано, имавме обиди со генералниот директор и ни беше ветувано дека овие барања ќе бидат реализирани, но до денес ништо од тоа не се пствари, барем до овој момент“, рече Боби Кукуноски, синдикален претставник на подружницата „Црн Бор“ на „Македонски шуми“ во Прилеп.
Пред неколку денови од Синдикатот истакнаа дека чашата ја прилило и предизборното вработување во „Македонски Шуми“ на нови 400 лица, а додека останатите вработени немаат редовни примања.