Само 6.25% од општините во Република Северна Македонија ја исполнуваат целосно обврската за изработени и во фаза на имплементација Локални еколошки акциски планови, а само 21,88% делумно ја исполнуваат таа обврска. Тоа беше и главниот поттик да се работи на територијата на општините Кичево, Пласница и Македонски Брод токму во насока на развој на Локални еколошки акциски планови кои што денес беа презентирани пред претставници на сите три општини кои што воедно и ја сочинуваат територијата на Локалната акциска група „Треска“ која што денес меѓудругото ги утврди и приотитетите за работа за 2024 година.
Локалните еколошки акциски планови се работеа со експертска поддршка изминатите неколку месеци, а истите ги содржат мерките за заштита на животната средина на чија што имплементација општините треба да работат до 2027 година. Како главни предизвици за сите три општини во делот на заштитата на животната средина се идентификувани: нарушен квалитет на воздухот од индустриски активности и интензивен сообраќај; отсуство на селекција на цврст отпад; диви депонии; користење на огревно дрво за загревање; нарушен калитет на почва од индустриски активности, прекумерна употреба на агрохемиски средства на земјоделските посеви итн. Во следниот тригодишен период општините ќе работат на едукација на населението, јакнење на капацитетите на институциите, отстранување на дивите депонии, јакнење на меѓуопштинската соработка, вклучување во процесот на праведна транзиција, како и јакнење на капацитетите на ЛАГ-от во насока на имплементација на изготвените еколошки планови.
Со изготвувањето на ваквите планови се јакне стратешкиот развој на општините опфатени со плановите, а во наредниот период пак ќе се работи на мобилизација на локалното население и реализација на активности кои што ќе придонесат кон директна имплементација на мерките предвидени во ЛЕАП-ите.
Оваа објава е создадена со финансиска поддршка на Европската Унија, ко-финансирана од Шведска. Содржината е единствена одговорност на Рурална Коалиција и не ги одразува ставовите на Европската Унија или Шведска.
Проектот “Локални партнерства за локални климатски акции“ го имплементира Рурална Коалиција како институционален грант, а во рамките на проектот „ГОи во акција за климатските промени“, спроведуван од Еко-свест во партнерство со Македонското здружение на млади правници – МЗМП и Организацијата за промовирање на природните вредности и луѓе – ЦНВП Македонија.
Автор: Рурална Коалиција