ВИДЕО – Прилепчани во тајност ги подготвуваат маските за „Прочка“, се очекуваат над 500 учесници од повеќе градови


Здружението за зачувување на традицијата и културата „Прочкари“ – Прилеп веќе 21 година, колку што постои и самиот Карневал „Прочка“ настапуваат на истиот со свои оригинални маски. И годинава по 22-ри пат ја подготвуваат своја најнова маска, која ја држат во тајност, а нас ни доизволија да снимиме дел од неа. Се потсетија како започнала целата нивна приказна околу маскирањето.

„Кога започнавме со маскирање бевме млади, по 22 години имавме, ние и пред тоа се преправавме, ама за прв пат тогаш започна да се одржува Карневал во Прилеп и тогашната ситуација која во 2002 година војната, направивме специјално возило, од автомобил мерцедес направивме оклопно возило и тогаш маската се викаше „Специјална единица Прочкари“, и тоа испадна да прерасниме во здружение Прочкари. Тогаш освоивме прва награда, наредната година се маскиравме во ликот на тогашен Дилавер Бојку и тогаш пак освоивме награда, започнавме да одиме по други градови, на други карневали и така стануваше се поинтересно и нас не привлекуваа сите тие шеги, мајтапи или по прилепски кажано курназлаци“, истакна Горан Ржаникоски, Здружение за зачувување на традицијата и културата „Прочкари Прилеп“.

Групата на „Прочкари Прилеп“ брои околу 20-тина членови, а најмногу радува фактот што сега во неа учествуваат и децата на тие кои и ја основале. Односно тоа дека традицијата ја и понатаму ја чуваат и негуваат и младите генерации. Секоја година изработуваат исклучливо традиционални маски, изработени од природни материјали.

„Наши други маски се „Крали Марко и Црна Арапина“, „Прилепска свадба“ која беше во стилот на „Македонска крвава свадба“ за неа добивме гран при награда, потоа имавме излезено и со „Тутунски бизнис“, па маската „Водици“ кога во приколка од трактор направивме базен и во неа се фрлаа капачите по крстот и многу други. Маските се нешто што кај нас е традиционално. Целта е да прикажеме што и како било во минатото. Ние имаме зачувано голем број на предмети и реквизити кои се користеле од нашите предци порано. Ние сега сакаме да ги прикажеме истите за да видат децава како изгледало сето тоа, со кои алатки се работело и кои биле занимањата“, додаде Коста Петрески, Здружение за зачувување на традицијата и културата „Прочкари Прилеп“.

Инаку активностите за Карневалот ќе започнат утре со отворање на изложбата на маски изработени од учениците во основните и средните училишта, под менторство на нивните наставници по ликовно образование и оделенска настава, кои се партнери во целокупната организација, а која како и секоја година ќе биде поставена во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков“. Главното дефиле ќе биде во недела на 17-ти во центарот на градот за кога се пријавени над 500 учесници распоредени во 20-тина групни и поединечни маски. Гости ќе има од другите градови како Кавадарци, Пробиштип, Куратица, Мокриево, Берово, Сопот, Струмица и други. Покрај дефилето ќе има и куклено шоу, магионичари, жонглерски и други атракции, кои се карактеристични за овај празник. А ќе има една интересна новина, а тоа е презентација на стариот обичајот амкање.

Во саботата на 16.03. ќе имаме на платото пред Градскиот Саат претставување на народниот обичај амкање од страна на Здружението „Преродба“ во еден автентичен амбиент кој што ќе биде привлечен за минувачите, кој што во овој период и ден ги има многу, како од Прилеп, така и од околните градови. И сето тоа ќе биде придружено од нашите млади уметници Марко и Антонио како етно состав „Пиреј“. Централниот настан е во неделата, кога е и дефилето на маските кое што започнува во 12 часот од пред Центарот за култура „Марко Цепенков“. А во 11 часот на Камената бина ќе има забава со ДЈ Робот кој што е единствен во Македонија карактеристичен по своите костуми за сценско шоу. Пријавувањето е отворено, секој оној кој не стигнал може тоа да го направи на karneval.mk или на нашата ФБ страна, да ја симне пријвата и да испрати во електронска форма или да ја донесе на централната бина. За најдобрите ќе има награди како за дефилето така и за изложбата на маски, кои ќе ги оценува стручна жири комисија. Исто така викендов е во важност одлуката за продолжено работно време на сите угостителски објекти кои имаат подготвено своја програма со забави како преку денот, така и во вечерните часови“, изјави Снежана Ристеска, советник за култура во Општина Прилеп.

Карневалот не бил тој ако на истиот не се појават и „Прилепските мечкари“, познатиот прилепски бренд, маската која во која членува касапскиот еснаф од градот и која е причината за маскирањето во Прилеп и настанувањето на самиот Карневал. Нивните обичаи започнуваат уште во саботата и продолжуваат во неделата.

Во саботата со зурли и тапани и неколку одбрани касапим одат од месарница до месарница на касапскиот еснаф и и ги канат со шеќерчиња, а поканетиот треба да остави некој денар. Традицијата е стара, касапите се расположени и живеат за овој ден. Мечкарите во неделата започнуваат да се облекуваат уште рано утрината и потоа се делат на две групи за да ги посетат сите касапски куќи во градот. Секоја куќа обичај е да ги пречека Мечкарите со пржена риба, кифлички, кора и пијалок од сите видови. Играта ритуалот на Мечкарите е комплексен. Секој потег симболизира нешто. Носат долги стапови на чиј крај има кожи, лисичи или пердуви. Ако касапот допре некоја жена која не може да роди се верува дека таа потоа може да стане плодна. И последниот ритуал е во текот на играта старата мечка се пораѓа дава мало мече кое симбол на плодност за таа година“, потенцираше Ванчо Ѓорѓиев, претседател на „Прилепски Мечкари“.

Потоа во понеделникот, кога започнуваат Велигденските пости, за сите кои сакааат да присуствуваат касапите традиционално на манастирот Свети Ѓорѓија даваат за ручек навистина посебен посен бел грав, необичен специјалитет чија тајна на подготвување не ја кажуваат и ја пренесуваат со генерации.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи