Лани отворени 8.517 фирми, 148 помалку од 2022 година – Прилеп со 279 нови фирми

Прво беше Ковид-пандемијата. Се надоврза војната во Украина, па и нападот на Израел врз Појасот Газа, Хутите ги напаѓаат бродовите во Црвеното море, кинеската економија бележи послаб раст, Германија е зафатена од рецесија… Бројни се и домашните проблеми. Економијата никако да се придвижи со растот, кој е на самото дно во регионот и не може да се помести над прагот од два проценти.

Условите – непредвидливи и ризични, како полека да ја задушуваат иницијативата за започнување бизнис. Минатата година се отвориле 148 фирми помалку споредено со 2022. Податоците од БизнисМрежа.мк покажуваат дека во текот на минатата година имало 8.517 новоформирани фирми. Преклани се работело за бројка од 8.665, а во 2021 – 8.662. По стагнацијата уследил пад. Тој тренд зафатил и два од петте градови во кои има најголема раздвиженост во доменот отворање фирми. Симптоматично е што се работи за големи градови – Битола и Куманово.

Еве што покажа анализата на порталот „Пари“.

КУМАНОВО И БИТОЛА „ПАЃААТ“

Како главен град и центар на државата, Скопје, освен по најголемиот број жители, ги има најдобрите можности за бизнис активности. Тоа уверување се уште опстојува, без оглед што сите државни институции имаат свои подрачни единици, каде што можеби многу побрзо можат да се завршат сите формалности.

Сепак, лани во Скопје биле отворени само 53 фирми повеќе од преклани (разликата меѓу 2021 и 2022 е 183). Конкретно, се работи за 3.412 новоотворени фирми наспроти 3.359 во годината пред тоа.

Од над 70 градови и поголеми населени места во Македонија, само во 14 од нив бројот на фирмите отворени лани е троцифрен. Во првата петорка, освен Скопје, се и Тетово, Битола, Куманово и Гостивар.

Во Тетово од минатата година работат уште 541 фирма. Од овој аспект, тетовци предничат во реализацијата на амбициите за водење бизнис. Тука е најголема разликата – 62 меѓу овие и податоците од 2022, кога биле отворени 479 фирми.

Од лани во Битола има уште 398 фирми. Регистрирани се 17 помалку од 2022, кога се забележани 415. Со тоа, всушност, состојбата се враќа на нивото од 2021 година, кога во градот на конзулите биле отворени 365 фирми.

Во Куманово се исцртува надолна линија, на која се подредени податоците 416 нови фирми отворени во 2021, 382 во 2022 и 363 во 2023 година.

Минатата година во Гостивар имало 328 новоотворени фирми. Четири повеќе од 2022 година.

Останатите градови, каде што бројот на новооснованите фирми го минал стотиот праг се Струга со 307, Прилеп со 279, Охрид со 260, Струмица со 209, Штип со 190, Велес со 180, Кичево со 150, Кавадарци со 146, Кочани со 141и Гевгелија со 136 нови фирми основани во текот на минатата 2023 година.

ТРГОВИЈАТА БЕЗ КОНКУРЕНЦИЈА   

И понатаму трговската дејност се цени како најпогодна за работа. Лани во секторот со полн назив трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли се вброени нови 2.204 фирми (1.975 во 2022). Сите се ДООЕЛ, односно основани од едно лице.

Исто како и лани, втората позиција ја имаат други услужни дејности со 1.008 новоотворени фирми, само што тогаш биле повеќе – 1.059.

И градежништвото повторно си го обезбедило третото место на оваа листа со 854. Иако градежната статистиката, барем според одобрените дозволи, покажува дека спласнува интересот за градба, лани се регистрирани 37 фирми повеќе во споредба со 2022 година.

Всушност, овие три сектори се „легло“ на половина од новите фирми создадени во текот на минатата година

На топ 5 секторската листа исти како и пред тоа се позициите и на објекти за сместување и сервисни дејности со храна, која во 2023 се „подновила“ со 801 фирма (780 во 2022), како и на преработувачката индустрија со 789 нови фирми (799 во 2022).

ПОВЕЌЕ ОД ПОЛОВИНА – ДООЕЛ

Повеќе од половината нови фирми, анализирано по вид на субјект, се ДООЕЛ. Вкупно 4.927. Следуваат 1.514 регистрирани во ставката друго, па потоа ДОО како што се регистрирани 1.358 од новооснованите фирми. Во 2023 има 641 нов трговец поединец и само 34 ПДОО.

Што значи дека и натаму е најзастапена формата друштво со ограничена одговорност од едно лице, која има голема предност пред друштвото со ограничена одговорност, кое предвидува основање од едно или повеќе приватни лица или фирми.

Познавачите на состојбите од оваа област сметаат дека не се оствариле очекувањата кај ПДОО или поедноставено друштво со ограничена одговорност, на кои се сметало во 2021 кога во Законот за трговските друштва биле додадени одредби кои ја овозможуваат оваа форма. Пред се, замислата била дека стимулативно ќе делува можноста да се отвори фирма за едно евро, наспроти износот од најмалку пет илјади евра, колку што е основната главнина предвидена за ДОО.

Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/se-namaluva-li-biznis-inicijativata-lani-otvoreni-8517-firmi-148-pomalku/

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи