229 прилепчани примале социјална помош без да исполнат услови – 2.252 случаи на државно ниво

Досега ни се познати 2.252 исплаќања на сметките на корисници на социјална помош кои по сила на закон не треба да ја примаат. Забележана е и ретроактивна исплата на средства за повеќе месеци наназад, што отвори сомнеж во институциите под надлежност на Министерството за труд и социјална политика (МТСП). Ова денеска на прес-конференција го соопшти министерот за труд и социјала во техничкана влада Ѓоко Велковски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

„Во Министерство за труд и социјална политика сум веќе 50 дена и за овој краток период добив сознанија кои не се пријатни и не влегуваат во рамката на законското постапување. Станува збор за злоупотреба на системот за социјална заштита и незаконско и против правно исплаќање на средства за гарантирана минимална помош, народски позната како социјална парична помош и социјална пензија на лица кои не исполнуваат законски услови да ја примаат“, рече Велкоски.

Според него, манипулацијата е системска им како што рече, во неа веројатно биле вклучени повеќе лица, за што е започнат и вонреден инспекциски надзор, со цел да се откријат сторителите зад овој милионски криминал во МТСП.

„За појаснување на ситуацијата, се работи за над 2.200 корисници кои примиле гарантирана минимална помош и социјална пензија и пријавиле дека не поседуваат возило, а според евиденцијата на Министерството за внатрешни работи тие се сопственици на такво превозно средство. При вкрстување на базите на податоци месеци наназад кај овие лица во системот стои дека имаат возило, но необјасниво е како службите не постапиле, со што продолжила исплатата на парични средства, со што се предизвикала милионска штета на буџетот на министерството. Да напоменам, еден од условите за остварување на правата е да се провери имотната, материјалната и социјалната состојба на корисниците, а тоа е да не поседуваат возило и приходи по други основи“, истакна министерот.

Во некои од градовите каде е детектирана злоупотреба, бројката на корисници надминува и сто, како Битола – 166, Гостивар – 164, Куманово – 235, Прилеп – 229, Скопје – 714, Карпош – 125, Кисела вода – 155, Чаир – 151, Шуто Оризари – 121, Тетово – 150. Според Велкоски годишно буџетот се оштетувал за над 200 милиони денари.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи