320 набљудувачи од ОБСЕ/ОДИХР за претстојните двојни избори

Facebook
Twitter
Email
Print

Вкупно 300 краткорочни и 20 долгорочни набљудувачи на канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права(ОДИХР) ќе ги набљудуваат претседателските и парламентарните избори во Македонија на 24 април и на 8 мај, најави на прес-конференција амбасадорката Џилиан Стирк од Канада, која ќе ја предводи мисијата на ОБСЕ/ОДИХР.

„Имаме клучен тим од 12 меѓународни експерти во Скопје од 12 земји членки на ОБСЕ. Станува збор за многу разновидна група. Имаме и други експерти кои работат на изборната администрација, правната рамка, политичката средина, кампањата, политичкото финансирање, финансирањето на кампањата и медиумите“, рече Стирк.

Долгорочните набљудувачи ќе бидат распоредени низ Македонија од 27 април, во тимови по двајца, во Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Струмица, Кочани, Куманово, Штип, со тоа што во Скопје ќе има два тима. Краткорочните набљудувачи ќе пристигнат кратко пред изборите и ќе ги мониторираат гласачките места на денот на изборите.

На мисијата ќе ѝ се приклучат набљудувачи од Парламентарното Собрание на Советот на Европа и од Европскиот парламент за двата избори дена, како и членови на Парламентарно собрание на ОБСЕ кои ќе дојдат за парламентарните избори во мај.

Од наредната недела ОБСЕ/ОДИХР ќе почне да ги набљудува и медиумите.

Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР вклучува прелиминарен извештај, кој ќе биде објавен на 9 април, како и конечен извештај кој ќе биде објавен два месеца по изборите. Ќе се анализира и колку претходните препораки на ОБСЕ/ОДИХР се имплементирани во Изборниот законик.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи